Столе Смилковски: Задоволен сум од среброто во Тампере, сега ќе напаѓам сениорски медал на ЕП и на СП

Столе Смилковски го освои среберниот медал во помлади сениори на Европското првенство за кадети, јуниори и У-21 во Тампере-Финска, изминатиов викенд. Така, Смилковски за збогати ризницата од европските првенства откако во 2016 година во на ЕП во Лимасол, Кипар, го освои бронзениот медал во борби за кадети.

Смилковски во финалето во категоријата до 67 килограми се сретна Туричнот Алтунер Јилмаз и беше поразен со 0-3.

Но, една акција го одлучи финалето. И двајцата каратисти беа опоменати за неактивна борба, а потоа Турчинот искористи едно мало невнимание на Смилковски и со преден маваши гери во глава освои поен. Потоа Јилмаз вешто го бранеше ова водство, најчесто одеше во аголот на татамито и со предно високо маваши ги одбиваше нападите на Смилковски, а за тоа ја користеше предноста во висината.

Сепак, ова е голем успех на нашиот каратист, кој за да се пласира во финалето мораше да извојува пет победи.

За првите импресии по освојувањето на медалот Столе вели:

„Столе Смилковски го посветувам овој медал на моите тренери Александар Кузмановски и Кристијан Младеновски кои сите овие години веруваа до последен момент во мене дека може да освојам медал. Тука ќе ги спомнам и моите клупски колеги од најдобриот младински клуб во Македонија Карате клуб Олимпик и моето семејство. Тие ми даваа сила да продолжам и кога беше најтешко, па и кога се враќав со 5 место без медал од големите натпреварувања од кои на Светското првенство во Сантијаго-Чиле и не учествував. Но, нема запирање“.

Смилковски вели дека вложениот труд се исплатил, но е изненаден од она што му го приредиле од клубот.

„Но, ќе кажам трудот се исплатеше. Малку сум под импресии и од резултатот, а и од пречекот во Градскиот парк. Ќе речам, ме изненадија. Гледајќи ги сите како заедно сплотени го прославија мојот успех и успехот на останатите медалисти на Карате федерацијата на Македонија, на кои им го честитам од мое име успехот на колегите Матеј, Андреј и Стефан, како и на КФМ и на АМС, и им најавувам дека каратето ќе прави уште многу вакви резултати во иднина поради компактноста на натпреварувачите и селекторскиот тим Александар Кузмановски и Арлинд Хусеини“.

До финалето извојува пет победи, но како беше во тие борби, Смилковски истакнува:

„Мојот пат до финалето во помлади сениори во категоријата до 67 кг воопшто не беше лесен морав да извојувам пет победи. Во првото коло славев против Алекс Ортиз де Зарате (Шпанија) 4-1, потоа против Макар Натицки (Естонија) 2-0, Матијас Брунер (Швајцарија) 4-2, Хусеин Мамаадли (Азербејџан) 4-1 и Егор Пулкин (Русија) 2-0

Сите борби ги работев во еден здив борба за борба не ми беше битно против кого ќе работам од другата страна Шпанија, Франција, Русија, Азербејџан. Сите беа освојувачи на европски и светски титули. Ми беше јасно, ако сакам да бидам европски шампион, морам сите да ги победам. Тоа си го рековме со тренерот Александар борба за борба и во последната 6-та борба“.

Секако, останува дилемата дали дефанзивната тактика на Јилмаз по освојувањето на поенот беше изненадување.

„Во финалето со Алтунер Јилмаз (Турција) изгубив со 3-0 и ќе речам дека бев подготвен, и физички и техничко-тактички, но во една акција каде во исто време подготвував напад или на притисок за извлекување на противничката рачна техника. Сепак, противникот со нога по мојата рака, пак ќе речам, малку сомнителен поен, зошто преку рака не се доделува поен, треба да биде чист удар во глава. Но, тука повеќе немаше повлекување, мораше да се оди на поени поради предноста од 3 поени. Бев изненаден од дефанзивата на противникот, поради тоа што тој е офанзивен. И тој не ризикуваше, на неколку пати во ќошето на борилиштето атакував со ашибарај (чистење), напад со рака, па еднаш и со уширомаваши но немавме поен“.

Успехот во млади сениори е најава за настапите во сениорска конкуренција. Претходниот медал е освоен во кадетска конкуренција а овој во млади сениори, за тоа кој медал има поголема тежина Столе вели:

„Ова не ми е прв медал имам бронза од Европското во Кипар во 2016 година, потоа неколку балкански злата и едно 5-то место во Сочи, Русија и Премиер лиги. Но, сребрениот медал од Тампере, односно вицешампионската титула, во Европа ми е помил и повреден. Задоволен сум од резултатот поради тоа што ќе бидам и стипендист на АМС“.

За идните планови младиот каратист е оптимист и ветува уште многу медали, но во сениорска конкуренција.

„По еден ден одмор продолжуваме каде што застанавме, се подготвуваме со мојот клуб Олимпик за Државното првенство на Македонија како квалификација за репрезентацијата за Светско сениорско првенство Дубаи, ОАМ. Ми фали сениорски медал во колекцијата на медали од Европски и Светски првенства“.

Видеото од пречекот може да го погледнете ТУКА

Резултати У-21 на ЕП 2021:  

-67 кг
Столе Смилковски – Алекс Ортиз де Зарате (Шпанија) 4-1
Столе Смилковски – Макар Натицки (Естонија) 2-0
Столе Смилковски – Матијас Брунер (Швајцарија) 4-2
Столе Смилковски – Хусеин Мамаадли (Азербејџан) 4-1
Столе Смилковски – Егор Пулкин (Русија) 2-0
Финале
Столе Смилковски – Алтунер Јилмаз (Турција) 0-3

Ipon.mk/В.Д.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON