Стојан Стојанов-македонски карате мајстор со француски шмек: Запознавање со колегите и соработка меѓу Балканот и Франција!

Стојан Стојанов е каратист од Кавадарци кој со овој спорт се сретнал во Скопје, па го практикувал во родното место, а потоа заминува за Белград на студии и таму ја продолжува кариерата во Црвена Ѕвезда. Професиналниот живот го носи во Франција, каде што продолжува со карате спортот. Идната година планира да направи голем семинар во Македонија, Србија и Бугарија во континуитет од неколку денови и да го промовира олмпиското начело на овој спорт со заложба за поголем успех на балканските држави на Олимпијадата во Париз 2024 година.

 

Господине Стојанов за македонската јавност, барем за поновите генерации, сте релативно непознат каратист. Каде почнавте да тренирате карате и што ве привлече да се занимавате со овој спорт?

-Почнав да трениерам карате во Скопје есента 1971 година во ЕМУЦ „Никола Тесла“ под раководство на сенсеи Драган Савиќ-Ѓоко. Потоа, зимото нашата карате секција се префрли во салата на Партизан 3 во гратскиот парк. Тогаш бев сместен во интернатот „Сениќ“ и со другарите отидовме да „гледаме“ карате и сенсејот ни „нареди“ сите интернатци да си ги соблечат чевлите и околу сто радознали деца го почнаа првиот тренинг на „сила“. Немаше „сакам- не сакам“ да тренирам.  И, во клубот останав до 1975 година, потоа заминав на студии во Белград!

Од Кавадрци заминувате во Белград од односно Црвена ѕвезда. Како беше во Кавадрци да се тренира во тие почетнички години на карате спортот во Македонија? Со кого почнавте да вежабате карате во Кавадрци и од кого учевте?

-Во Кавадарци постоеше карате клуб со сенсеи Благој Димитров и кога одев дома во Кавадарци, „како гостин“ вежбав заедно со колегите. Инаку над Благој беше сенсеи Димче Кичевски. Соработката со КК Кавадрци траеше до 1984 година. А за време на мојот едногодишен престој го формирав Карате клубот Алтан и во школската 1984/85 бев тренер и секретар, а претседател беше Данко Димитриев. По моето заминување за Париз 1985 година го наследи сенсеи Благој Димтров.

Како бевте прифатен во Црвена ѕвезда?

-Прво почнав да тренирам во август и септември во 1975 година во Студентски град кај сенсеи Слободан Вучиниќ, а во октомври отидов како гостин во Црвена Ѕвезда, тренингот бесе почнат пред десетина минути. Влегов во салата, имаше 27 црни појаси, само јас имав кафеав. Се поклонив пред сенсеи Илија Јорга и му реков: „Дојдов од Македонија, ќе студирам машински факултет, а тренирам во Студентски град и КК Машинац, дали можам понекогаш да тренирам во Ѕвезда? Неговиот одговор беше: „Ќе бидеш тука, не може да тренирај кај Слобо“! И така станав член на Црвена ѕвезда. Во тој момент во клубот беа Зека Божовиќ, Среќко Јовановиќ-Феликс, Раја Божовиќ, од Нови Сад дојде Душан Дачиќ и други од цела Југославија. По мене, тогаш бевме најквалитетен карате клуб во Европа!

Какви резултати постигнавте со клубот од Белград?

-Бев во првата постава за кумите (5 члена) до 1978 година, потоа имав тренерско-инструкторски должности до 1984. Инаку Ѕвезда беше повеќекратен екиепн шампион на Србија, односно во Карате лигата на Србија. Поединечно ништо не освои!

Како што може да се забележи од Вашата биографија Илија Јорга ви е карате водачот. Од друга страна, Вие сте во неговиот клуб кога светското карате се поделува и на една страна остануваат Јапонија и Југославија, а на другата остатокот од светот.

-Светското карате е „поделено“ порано, од 1957 година со смртта на сенсеи Фунакоши Гичин. Неговите инструктори на чело со сенсеи Накајама одат по светот и се прават повеќе стилови, отвораат карате школи. На тој начин каратето не е добро организирано на светско ниво! Ју-каратето со распадот на Југославија се подели на преку триесетина сојузи, школи и со тоа, по мое размислување, е додатен хендикеп за балканското карате.

Како гледате на сето тоа од временска дистнаца, кога многу работи се променија во светското карате, а овој спорт стана и  олмписки кој ќе дебитира на Олимпијадата во Токио 2020?

-Каратето дојде во Франција 1957, а во 1967 година во Југославија. Поминаа 50-60 години и резултатот е многу добар: имаме голема масовност во Европа и, од друга страна, имаме преку 5-6000 мајстори, исклучително стручни во сите европски држави. Тоа ми дава оптимизам дека наредните 20-30 години масовноста ќе се мултиплицира, а тоа е интерес на министерствата за спорт, спонзорите од типот Адидас, Токаидо, додека родителите од друга страна околу најдобрите мајстори во Европа ќе се створат центри за перфекција во карате и будо доменот. Во тој правец и двете Олимпијади, во Токио и Париз, ќе бидат катализатори или забрзувачи на процесот!

Кога заминавте во Франција, како ве прифатија таму? Се натпреварувавте ли и дали сега имате клуб кој го водите Вие?

-Во Париз пристигнав во септември 1985 г. и при Сојузот на југословенските клубови формирав карате секција за нашите југословенски деца. Со мојот асистент од Црвена ѕвезда сенсеи Срѓан Јеротиевиќ почнавме со карате и во јануари 1986 година во Еслинген близу Штудгард, Германија, ја формирав втората карате секција во еден наш југословенски клуб, во кој секретар беше од Цветко Димовски од Битола. Тие како клуб беа многу јаки. Така беше во првите години. Две години потоа на универзитетот имав прилика да вежбам со француски каратисти, а во 1993 година се зачленив во Шотокан Франс Париз, инкогнито со надеж да вежбам и да избегнам обврски како тренер. Локалниот сенсеи, 4дан, беше љубезен и за мене беше „рај“! После три-четири тренинзи дојде на тренинг главниот мајстор, Даниел Шаплас – 7дан, а над него беше сенсеи Ошима од Лос Анџелес – САД. По десет минути од тренингот ме повика и ми постави прашање колку години вежбам. Му одговорив на многу лош француски дека сум бегалеца од Сараево и дека 16 години вежбам карате. Тој се насмеа и рече од денеска си втор човек на Франс шотокан! Во превод, по него одговорен на песетина клубови во Франција. Јас кажав мерси и ОСС! Отидов на последното место од триесет црни појаси. Тој го повика сенсејот 4-дан, му кажа нешто и сите црни појаси дојдоа пред мене да ме поздрават и „морав“ да бидам на прво место на линијата. Или, едноствано кажано, ме унапреди во 6 дан! Со оваа анегдота мојот прием меѓу Французите беше и остана топол и спортски многу срдечен! Последните три години сум член на Шотокан карате клубот Елбеф,Нормандија. Немам должност. Имаме десетина инструктори, а потпретседателот на Карате лигата на Нормандија сенсеи Морис Моте (90 години) е наш член. И главниот сенсеи, Рéми Мортроил ( 68 години) е претседател за спортот на регионот. Така, мојата должност е понекогаш да заменам некој од инструкторите. Сите инструктори се платени од Федерацијата. Во овој момент не можам да прифатам инструкторски ангажман!

Како е организирано каратето во Франција кое едно од најдобрите во светот?

-Француското карате од 1975 година, ФФК е организирано пирамидално: членови на Француската федерација во 2017 –та се околу 250 000 кои плаќаат членарина по 37 евра годишно. Претседателот се избира на секои 4 години од 250 делегати/сенсеи. Потоа следи второто ниво – регионите. На пример, Нормандија со 12 000 членови, па департманите и на крајот клубовите. Инаку во Француската федерација членуват сите федерации на сите будо вештини, ако ЈКА, кунг фу, аидо, аикидо. Годишната чланарина во клубовите е околу 100 евра.

Најавивте семинар кој ќе се одржи во три држави – Македонија, Србија и Бугарија. Каква е целта на семинарот, бидејќи е новитет да се одржува во низа од неколку денови во три држави?

-Целта на семинарот е да се запознаам со колегите на Балканот и да видам кои се можностите за соработка меѓу Франција и Балканот во мал, интимен домен. Мојот принцип е сенсеите да одат во клубовите кај учениците, бидејќи тоа е многу поевтина и подобра варијанта!

Дали со ова македонската јавност ќе дознае нешто повеќе за Стојан Стојанов?

-Мислам дека македонската јавноста е со посериозни медиумски оптоварувања. Ако нешто допре до јавноста ќе ми биде многу мило и потстрек за поголем личен ангажман во Македонија и кај комшиите.

Веќе ги имате одберено и инструкторите во сите земји. Што ќе кажете за нив?

-Во 2015 и 2016 година во предселекцијата добив од десетина врвни мајстори инпулс за искрена соработка, со што ми ја олесниа работата, Сенсеи Симеон Иванов од Софија е млад мајстор и врвен педагог за „бејби-самураите до 13 години. Сенсеи Милан Ѓокиќ е исклучително искусен и со големо познавање на мајсторскиот кадар во Србија и Македонија. Сенсеи Зоран Пејов е врвен мајстор родум од Кавадарци и со желба за перфекција во каратето, воедно и искусен во комуникацијата и организацијата на семинари.

Што може да очекуваат посетителите на семинарот?

Се надевам добро карате и почеток на карате проект кој треба да заврши во Париз 2024 година на Олимписките игри. И можност сами да учествуваат во тој проект, со што ќе придонесат за негов поголем успех.

Може ли да направете споредба меѓу каратето што вежбевате Вие и Вашата генерација во однос на она што се тренира денес?

-Секое карате е добро ако младите се во сала, Каратето е лична дисциплина, индивидуална и секој го одредува својот однос спрема каратето. На ист начин каратето ви враќа. Нема строго правило!

Има ли формула за успех, гледано од француски аспект?

-Масовност, добра организација, позитивна селекција – да се форсираат најдобрите! Министерството за спорт е важно, како и националната стратегија, што е предност за добробит на нацијата.

Воедно сте е и уметник и експерт за аеронаутика. Како ги споивте сите овие работи, односно колку каратето влијаеше на другите две работи?

– Кога сме ангажирани од една во друга област имаме интелектуална свежина, оптоварувањето само во еден домен доведува до замор на материјалот – замор на човекот, така, повеќе дисциплини заедно си помагаат.

Многу малку се имате претставувано во Македонија и како уметник и како стручњак и како карате мајстор. Зошто?

-Мало е времето, а во Македонија е одмор за душата.

Ipon.mk/В.Д.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО