Американско-хрватскиот ММА борец Стипе Миочиќ двапати се бореше против Френсис Нгану за шампионскиот појас на УФЦ во тешка категорија.
Во јануари 2018 година победи со едногласна одлука на настанот УФЦ 220, а во реваншот во март 2021 година Камерунецот победи со нокаут во втората рунда.
Нгану ја бранеше титулата само еднаш, а тоа се случи во јануари 2022 година, кога со едногласна одлука го победи Сирил Гане, а една година подоцна ја напушти најголемата светска ММА организација.
По мечот против Нгану Миочиќ направи долга пауза и се враќа во октагонот на 12 ноември, кога ќе се обиде да се врати на тронот на УФЦ во тешка категорија против Џон Џонс.
Неколку месеци подоцна камерунскиот удирач потпиша за ПФЛ, а потоа договори боксерски меч против шампионот на ВБЦ, Тајсон Фјури. Нивната борба ќе се одржи на 28 октомври во Саудиска Арабија.
Стипе во едно неодамнешно интервју откри дека сака да има уште една пресметка со Френсис.
„Точно е, сакав уште еден меч против Нгану, но тој замина по подобри и поголеми работи, добро за него“, изјави Стипе Миочиќ и додаде:
„Жал ми е што нема веќе да се бориме, многу сакав трилогија против Френсис. Му посакувам успех и се надевам дека ќе го шокира светот“.
Откако Нгану ја напушти промоцијата, Миочиќ имаше желба да се бори со еден од најдобрите борци во историјата на ММА.
„Се што сакав беше Џон Џонс“, нагласи Стипе Миочиќ.
Џонс го имаше своето деби во тешка категорија во март кога го победи Гане со гилотина по две минути.