Славниот Мирко Филиповиќ алијас Кро Кап пред неколку дена одржа семинар во Диселдорф – Германија, во УФД џим, на кој присуствуваа многу познати имиња од боречките спортови, а меѓу учесниците беше и нашиот Стефан Спасовски – Зангал кој се подготвува за својот меч во јуни во Швајцарија.
Како е да се работи со Мирко, каков е како човек и што се може да се научи од него се дел од прашањата што секој љубител на боречките спортови си ги поставува, А Спасовски вели:
„Кај Мирко ми се допаѓа што е реален, искрен и едноставен човек. Не комплицира, не измислува некои лостови, финти… Туку многу едноставно ни објасни доста корисни работи и детали“.
Стефан објаснува дека Кро Кап си има негова теорија заснована на долгодишното искуство.
„Во борба се наоѓаме во некои ситуации каде што не треба да паничиме или комплицираме со некои „комплицирани БЏЏ потези“. Од друга страна, Мирко физички е премногу силен. Се надевам дека пак ќе направам тренинг со него“, истакнува нашиот ММА борец кој вели дека многу работи научил само што слушал.
„Ми ги отвори очите за некои позиции во борба, каде што може да се извлечеш или изградиш база и да доминираш полесно. Ова е многу подобро отколку да одам да тренирам со некој филозоф кој ќе ми покаже 50 лостови во 50 минути и од кои две нема да можеш да ги искористиш во реална борба“, смета кумановскиот борец.
Ipon.mk