Коментаторот на УФЦ, Џо Роган, е човек кој има многу добар увид на она што се случува во организацијата. Во последното обраќање тој ја отвори Пандорината кутија, тврдејќи дека дуел во полусредна категорија меѓу Конор Мек Грегор и Ник Дијаз е најголемата борба која може да се организира.
„Мислам дека и организаторите ја испуштија шансата да направат големи пари. Најголемата борба беше Ник Дијаз против Конор Мек Грегор“.
Минатата година Мек Грегор го победи Нејт Дијаз на УФЦ 202, за да се реваншира за поразот на УФЦ 196. Дуел со постариот брат на Нејт, Ник, дефинитивно би направил интересна приказна, ако воопшто Ирецот се согласи повторно да ја подигне килажата и да се сретне против друг претставник на фамилијата Дијаз.
За разлика од Мек Грегор, Дијаз не се борел откако му се спротивстави на Андерсон Силва на УФЦ 183. Дијаз по мечот даде позитивен на допинг тест на марихуана, но казната му истече и веќе може да се бори. Тој е големо име и е потребен противник со уште поголемо име, за да го врати назад во кафезот.