Иако пред неколку дена еден од промоторите на Фјури, Боб Арум изјави дека Кралот на Ромите би можел да договори меч против Александар Усик до крајот на оваа или почетокот на следната година, малкумина веруваат во тоа.
И Тајсон Фјури призна дека не го интересира меч за апсолутниот боксерски шампион во тешка категорија, но откри што би морал да прифати Усик доколку таа борба се договори.
„Ако тој мал колбас сака да се бори за титулите и е подготвен да земе мал процент од заработката, можеби ќе договориме меч. Ако бара повеќе пари, тогаш ништо од тоа“, изјави Тајсон Фјури кој на 28 октомври ќе се бори со поранешниот шампион на УФЦ во тешка категорија Френсис Нгану.
И поранешниот англиски боксер, а денес аналитичар Спенсер Оливер смета дека Усик ќе биде во подредена позиција на евентуален меч против Фјури.
„Фјури ќе малтретира и ќе го прегази Усик!“, истакна Спенсер Оливер, а потоа објасни:
„Откако го видов Усик против Даниел Дубоа, сфатив колку е далеку од Фјури. Тајсон со боксерски коефициент на интелигенција одлично би му парирал. Мислам дека Фјури е ниво повисоко од Усик“.