По чистењето на перо категоријата на УФЦ, шампионот Александар Волкановски се обиде да ја освои титулата во лесна категорија, но во февруари со едногласна одлука загуби од Ислам Махачев.
Австралиецот со македонско потекло потоа во јули мораше да ја брани титулата против Јаир Родригез, кого го победи со прекин во третата рунда. Тоа беше петта одбрана за Алекс на шампионскиот појас на УФЦ во перо категорија.
Сега е подготвен за нова борба, а име кое во последно време многу се споменува е грузиско-шпанскиот борец Илија Топурија.
„Можен е меч против Илија Топурија, но многу сакам реванш. Сакам да го имам тој реванш оваа година, но Ислам Махачев наскоро ќе се бори со Чарлс Оливеира. Знам дека има и други кои сакаат да се борат со него. Годинава сакав три борби, но тоа сега е тешко остварливо“, рече Александар Волкановски и додаде:
„Но, не сакам да чекам. Многу работи се случуваат околу мене и сакам да бидам активен. Илија е веројатно мојот следен противник, кого не го потценувам. Тој е силен и издржлив, а ќе му покажам дека борбата со мене е друго ниво“.