Сигурна победа на Ален Рустемовски во полуфиналето на „Златен гонг“, Англичаните и Молдавците обезбедија по три финалиња

Ален Рустемовски извојува рутинска победа во полуфиналето 54. Меѓународен боксерски турнир „Златен гонг“ против шведскиот боксер Патрик Вредер.

На почетокот на мечот нашиот боксер прими еден удар од опуштеност, но тоа како да го налути и тргна посигурно и кон крајот на првата рунда му броеја на противникот. Во втората и третата рунда сигурно боксираше со силен финиш на крајот од мечот.

Како вовед на мечот на Рустемовски, браќата Коцо од Албанија добро избоксираа и забележаа победи против боксери од Австрија и Шведска.


За жал, вториот наш претставник во полуфиналето, Енис Алиу, загуби од Даврон Бозоров од Молдавија.
Инаку, беа прикажани квалитетни борби, а Молдавците и Англичаните сигурно боксираа во полуфиналето и имаат по три победи и еден пораз.

Македонија настапува во следниот состав: 60 кг Ален Рустемовски, Адријан Рустемовски, Стефан Петрушевски, 70 кг Наум Стојаноски, 75 кг Енис Алиу и 80 кг Никола Кисковски. Репрезентацијата ја предводи искусниот боксерски тренер Насер Харуни со помошникот Христијан Мојсовски.

На турнирот се настапуваат 46 боксери од 9 држави: Македонија Англија, Шведска, Турција, Австрија, Словенија, Бугарија, Хрватска и Молдавија.

Претседателот на Боксерската федерација Кристијан Андреевски го следеше „Златниот гонг“ со претседателите на федерациите на Хравтска, Бугарија и Австрија, Боно Бошњак, Красимир Инински и Игор Миќетиќ.

Борбите се одржуваат во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Финалето е закажано за утре во 15 часот.

Резултати полуфинале Златен гонг:
55 кг Емануел Коцо (Албанија) – Имара Абделрахман Хасан (Австрија) 3-2
55 кг Алвин Варукага (Шведска) – Кристијан Коцо (Албанија) 1-4
60 кг Ален Рустемовски (Македонија) – Патрик Вредер (Шведска) 5-0
60 кг Џозеф Тарнер (Англија) – Билал Сахел (Австрија) 5-0
70 кг Емин Јилдиз (Австрија) – Румен Руменов (Бугарија) 5-0
70 кг Марк Лукачич (Словенија) – Лехцун Антон (Молдавија) 0-5
70 кг Кевин Скот (Шведска) – Рио Гордон (Англија) 1-4
75 кг Бондари Игори (Молдавија) – Алперен Јилмаз (Турција) 2-3
75 кг Енис Алиу (Македонија) – Даврон Бозоров (Молдавија) 2-3
80 кг Бруно Филипчиќ (Хрватска) – Лаки Аимуфуа (Австрија) 0-5
85 кг Дивин Омојор (Англија) – Илија Валигурски (Молдавија) 5-0
90 кг Акинола Тијани (Англија) – Андреј Заплинај (Молдавија) 0-5 ТКО



