Си замина неуморниот боксер и тренер Мирко Ристевски – Мице

Си замина уште една легенда на македонскиот бокс, Мирко Ристевски – Мице, кој во последните години беше тренер на БК Аперкат од Скопје и на репрезентацијата.

Мице не се предаваше и секогаш беше посветен на боксот. Пред пет години кога си ја повреди ногата, и покрај принудата да се одалечи од боксерскиот ринг Мирко Ристевски – Мице не ги слушаше до крај лекарите, макар и седел, одеше да ги надгледува и да им покажува по некоја техника на своите боксери во БК Аперкат. Но, една борба изгуби, тоа е против лошата болест.

„Не се оддалечувам од тренинзите! Одам и ги гледам, само ми е жал што не можам да секундирам во рингот. Им благодарам на Оливер Станков и на боксерите кои ми даваат поттик побрзо да се опоравам. Едноставно, не можам да мирувам“, рече тогаш Мирко Ристевски.

Ристевски боксерската кариера ја започнува во БК Скопје далечната 1969 година, клуб кој што бил сместен во старото училиште „Коце Металец“ кај сегашната бензинска пумпа спрема Скопски саем.

„Прво почнав да трренирам борење, но по 2-3 месеци се префрлив на бокс. Во кариерата имам 384 борби, а најголем успех ми е третото место на тогаш многу силното Државно првенство за сениори и шампион во јуниорска конкуренција на Југославија во 1972 година. Беше многу силна конкуренцијата, имиња како Фазлија Шакировиќ, Џафер Алишановиќ, Црногорецот Сретен Дондиќ.

БК Скопје се натпреваруваше во Втората лига на Југославија, а во сезоната 1984/85 година требаше да влеземе во Првата лига, поради тоа што не се исполнија некои услови тренерот Живорад Шишковиќ ја напушти екипата. Тоа беше голем тренер и педагог од кого научив многуи работи во боксот. Човек кој ја направи шампионската екипа на Приштина, а од Скопје замина за Швајцарија. Шишковиќ ме определи за негов помошен тренер. Претходно една година работев како тренер и на негова молба се вратив да се борам. Во Македонија сите ги добив, освен Самир Лимановски со кого имав скор 4-4“, раскажуваше Мице за неговите почетоци.

Како помошен тренер работи во сезоната 1982/ 83, а потоа го презема клубот и го води до 1991 година. Потоа во БК Скопје почнува да доаѓа Руждија Калач и по полека да навлегува во тренерските води. Во 1991 година оставка си дава претседателот на клубот, Борче Алексовски, а на негово место доаѓа Рафет Муминовиќ кој на македонската јавност и е познат по водството на ФК Слога од Скопје. Муминовиќ некое време тренирал бокс и поради тоа се нафатил да биде претседател на клубот. Тој за тренер на клубот го одредува Мирко Ристевски, а Калач за помошник.

„Но, си земав малку одмор од боксот, при што Руждија Калач ме наследи“, објаснуваше Мицевски.

Не го држи срцето да седи настрана и се вклучува во новиот проект БК Аперкат, како наследник на БК Скопје, заедно со неговиот ученик Оливер Станков.

Ристевски ја нагласи успешната работат, а голема улога во тоа имало искуството и кај двајцата и меѓусебното верување.

Тој, Оливер и БК Аперкат се нераскинлив дел од Меѓународниот боксерски турнир „Меч на шампионите“.

„Тргнавме по патеките на Живко Дуковски и Џоџа Ајановски, кои беа основачи на БК Скопје, со мене и Ивица Голубиќ како натпреварувачи во 1969 година. Така и ние со Оливер имавме идеа да истрасираме еден таков пат, нешто слично како „Златниот гонг“, односно да направиме ревија на младите боксери. А веќе имаме и проблем, тешко наоѓаме противници за Јанески. Го избегнуваат. Од година во година турнирот е се поквалитетен“, исткана во нашето интервју прекалениот боксерскиот тренер.

Секако, едно најголемите имиња кое произлезе од Аперкат под раководство на Рисетвски е Гоце Јанески, кој на сниорското Балканско првенство во Анталија, Турција, во 2019 година по 30 години освои медал за Македонија, бронзен. Така, Македонија пополни голем временски пост на балканските првенства околу 30 години, односно по славните олмпијци Аце Русевски и Реџеп Реџеповски. Гоце во 2016 година го освои „Златниот гонг“.

Јанески учествуваше и на олимписките квалификации во Лондон за Олимпијадата во Токио 2021 година. Настапи и на ЕП. Во Регионланата боксерска лига имаше неверојатен скор од 8-2 и беше најдобар боксер.

Токму таква беше визијата на Мице (роден 1954 година) кој за неговото повлекување од активниот бокс.

„Барем уште 1-2 години, максимум три. Да ги истуркаме овие 2-3 деца, за да ја крунисам кариеарата со некој успех на ЕП, СП или ОИ. Гоце за три години трбеа да ги даде првите резултати. До тогаш ќе работам“, беше категоричен Мирко Ристевски.

Погребот е утре на градските гробишта „Бутел“ во Скопје, а телото на Мирко Ристевски – Мице од 12 до 12:30 часот ќе биде изложено во капелата.

Ipon.mk/В.Д.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON