Шест милиона евра за македонскиот спорт преку „ваучери“

Сите спортски субјекти запишани во Централниот регистер на Македонија од 1 јануари 2019 година ќе имаат можност да ја користат „услугата” на вуачер системот која ја дава државата…

Она што пред неколку месеци беше најавено, Владата  ќе го реализира од 1 јануари 2019 година.

На посебен собир во Владата, премиерот на Р. Македонија, г-динот Зоран Заев, во друштво на директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, и советниците за спорт, Даниел Димевски и Ѓорѓи Тасев, го презентираше новиот ваучер-систем, кој треба да им помогне на сите спортски организации, федерации, клубови, спортисти без оглед на тоа дали станува збор за индивидуална или пак во екипна конкуренција.

Како што рече премиерот Заев, станува збор за проект вреден шест милиони евра.

„Секој правен субјект од сферата на спортот, сите спортски организации, федерации, клубови, спортисти во индивидуални и во екипни спортови, практично од првиот ден на 2019 година, ќе може да бидат дополнително потпомогнати со овој проект кој го нудиме. Проект за кој Владата на Р. Македонија одвои од буџетот шест милиони евра. Како дополнителна инвестиција во спортот за наредната година”, истакна Заев.

Секој правен субјект ќе може да ги искористи оние даночни олеснувања кои ги направи Владата и кои се во рамките до 50 отсто од средствата кои компаниите треба да ги платата во Управата за јавни приходи по основ на данок на добивка.

„Сметаме дека овие шест милиони треба да бидат наша стартна основа, која во наредните години би ја подигнувале согласно со можностите и средствата кои ќе ни стојат на располагање за помош на спортот во Македонија”, објасни премиерот Заев во обраќањето пред стопанствениците, претставниците на спортските федерации, организации и медиумите.

Извесно е и тоа дека при доделувањата на овие средства, ќе мора да има и контрола за која ќе биде задолжено стручно тело во рамките на АМС. Но и соодветни критериуми, или категоризација при доделувањето на т.н. „ваучери”.
Најавено е дека согласно со тоа, ќе има десет категоризациски точки, кои треба да ги детерминираат вистинските вредности, и секако условите за доделување на овие дополнителни средства одвоени од државниот буџет.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON