Светски шампион на УФЦ во перо категорија – Александар Волкановски (22-1) посочи за кого мисли дека ќе победи во третиот меч меѓу Конор Мек Грегор (22-5) и Дастин Пориер (27-6). Озлогласениот ќе се соочи со „Дијамантот“ на 10 јули на гала вечерта на УФЦ 264 во лесна категорија.
Според 32-годишниот Австралиец со македонско потекло, сепак Конор е поопасниот борец од двајцата и има повеќе аргументи за победа.
„Сепак, сметам дека Конор е поопасен и ќе напаѓа од самиот почеток. Очекувам тој да ја контролира борбата подобро отколку што тоа го направи на втората средба. Да, Конор е уморен од постојаните удари во нозете, но верувам дека ќе работи подобро со рацете и овој пат ќе го нокаутира Пориер“, изјави Волкановски.
Тој призна дека очекувал Мек Грегор да се претстави подобро на претходната средба во јануари.
„Дастин дефинитивно знае паметно да се бори. Има предвид дека тој може да го измори Конор и да го спречи на поечтокот да не го напаѓа жестоко. Но, ако се обиде да ја води битката директноп, тогаш ќе наиде на сериозни проблеми. Ако се обиде да го нокаутира, тоа ќе биде голема грешка“, рече шампионот во перо.
Самиот Волкановски се очекува да се врати во октагонот во септември, кога треба да се соочи со Брајан Ортега (15-1-1). Тој рече дека очекува нокаут победа против предизвикувчатот.
„Секако, сакам рано да го завршам мечот. Мислам дека сум многу подобар и ќе го покажам тоа. Долго време не сум во октагонот, но за годиншната пауза имав можност да подобрам многу работи од мојот арсенал. Моето разбирање за овој спорт е веќе на сосема друго ниво“, оптимист е Волкановски.