Шабан Трстена: Во последните три дена душата ми беше во непосреден контакт со смртта од непријателот Ковид-19

Олимпискиот шампион Шабан Трстена со потресно обраќање од болницата „8 Септември“ во Скопје каде што се лекува од коронавирусот. Трстена вели дека три дена бил во многу лоша состојба и дека секоја минута била борба за живот. Сега е во многу подобра состојба благодарејќи им на хероите-лекарите и на Господ, како и на молитвите на сите пријатели и познаници.

Во целост ви го пренесуваме неговото обраќање со мали корекции.

„Драги мои, пријатели, браќа и сестри, спортисти, професори, уметници, писатели, новинари, студенти и сите мои сограѓани. Сè што можам да ви кажам е следно: Имам една замолница, апелирам до нашиот премиер, Зоран Заев, министерот за здравство Венко Филипче, градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов и до сите лидери на партиите. Јас сум спортист на 20-тио век на Македонија, а поминав 15 дена во борба против еден невидлив непријател наречен Ковид-19. Сè уште се лекувам во болница и искрено со свои очи ги гледам овие Херои, облечени во бело. Многу од докторите го загубија и животот, а другите продолжуваат да си го ризикуваат животот за да ги спасуваат животите на зафатените од проколнатиот коронавирус.

Вака, овие последни три дена, јас, односно мојата душа, беше непосредно во контакт со смртта, од виканиот непријател Ковид-19. Почитувани добри луѓе, сакам да ви кажам, се колнам во Господ, немој да мислите дека јас како голем спортист и шампион го совладав овој голем непријател. Не, никако, тоа не е точно! Му благодарам само на ГОСПОД, дека тоа било пишано денес што сум жив и дека од денес се чувствувам многу подобро.

Секако дека благодарноста од се срце им оди на моите лекари и нивниот персонал. Херои, кои ми помогнаа и се грижеа 24 часа секојдневно. Ви благодарам од срце на сите пријатели од цел свет за убавите зборови и молитви и големиот БОГ да ги слушне вашите молитви за мојата болест, амин. Чудно ми е, како тие се жртвуваат себеси, своите најблиски, за да не лекуваат нас.

Овие херои заборавија дека имаат деца, забораваат дека имаат одмор, дека треба да јадат и да спијат навреме. Ако некој треба да биде прогласен за херој во оваа борба против непријателот, коронавирусот, без сомнение тоа треба да биде целиот болничкиот персонал, почнувајќи од лекарите, медицинските сестри итн., кои се на фронтот против невидливиот непријател што ја наруши целата планета. Дури и на Балканскиот полуостров, во мојата татковина Македонија. И јас бев прилично погоден од овој непријател, без оглед која вера ја имате или од која нација сме. Немам зборови да ја опишам честа што ми ја прават овие херои – лекарите. Тие не се грижеле само за мене, но исто се грижеа за сите пациенти. Во мое име, како олимписки шампион, како личност, како спортист којшто патувал и го видел секој дел на светот, како спортист и достоен верник на ГОСПОД со раката на срце, со мојата гордост, спортски дух, им велам: Ви благодарам, бидете благословени и посакувам ГОСПОД да ве чува и да ве награди за непрекината работа и жртвувањето што го правите за нашиот народ во Македонија. Јас толку имав, Ви ја кажав реалноста што ја видов мојата душа. Значи, почитуван премиер Заев, почитувани министри и вие, драги мои сограѓани, ова моја официјална објава, не ја правам за некој функционер, некој друг или лично за мене, јас како спортист со голема заслуга ги добив сите светски големи награди и домашни признанија, ова го кажувам со искреност и од срце за нашите херои кои својата работа ја прават максимално посветено да ги спасат животите на нашите семејства, мајки, татковци, браќа, сестри и деца. Да, тие и за мене тоа го прават, бидејќи во моментот сè уште сум во болница. Ја користам можноста и моментот уште еднаш да апелирам до премиерот и целиот државен апарат, дека овие големи херои облечени во бело да бидат наградени и одликувани со највисоки државни почести. Ова ќе се запише и ќе се раскажува во историјата низ вековите. Ова ќе биде меѓународна гордост на нашата мала земја, но од големо срце, што знае да ги цени и наградува Големите херои, во овој случај Лекарите. Бог да го благослови нашиот народ. Со почит, срдечни поздрави од вашиот олимписки шампион Шабан Трстена“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON