Легендата на македонското и светското борење, Шабан Трстена, деновиве престојува во Македонија. Во боречките средини е радо виден, а викендов на турнирот по повод ослободувањето на Скопје „13 Ноември“, во организација на БК Тефејуз од Скопје, од младите борачи и спортските работници, тренери и поранешни борачи, беше пречекан како вистинска ѕвезда.
Со носталгија се сеќава на минатите времиња, нагласувајќи дека тогаш Македонија била велесила од која се плашеле многу поголеми нации во борењето. По малку е разочаран и револтиран, зашто резултатите од нашиот најтрофеен спорт отсуствуваат. Сепак, духот не го напушта, зашто знае дека ова поднебје раѓа шампиони.
-Секој спортист може да постигне успех, само ако има волја и ако го сака спортот од срце. Мора да има фанатазија за нешто. Ова што го постигнав јас е само едно каменче во мозаикот. А, тоа може секој да го направи, порачува олимпискиот шампион.
Трстена во моментов не сака многу да зборува за состојбата во борњето, бидејќи наскоро од печат треба да излезе неговата автобиографска кинига „Патот до олимписки победник“, а промоцијата ќе се случи за месец до два, најпрво во Приштина, а потоа и во Скопје.
На 500 страници ќе биде содржана целата негова кариера, од почетник до врвен спортист, кој ја задолжи македонската и светската боречка историја. Во книгата подробно ќе се објаснат и состојбите во борењето денес.
За Трстена
Роден е 1965 година, а првите боречки „чекори“ ги прави уште како тинејџер во БК Лирија од Скопје. Зенитот го достигна на Летните олимписки игри во Лос Анџелес 1984 година, кога, како актуелен европски првак, победувајќи го Јужнокореецот Ким Јонг Кју во финалната борба, и го донесе на Македонија (тогаш се уште под знамето на некогашната СФРЈ) првиот златен олимписки медал по 24 години пауза и идентичниот успех на фудбалскиот голман Благоја Видиниќ. Четири години подоцна во Сеул, повторно под симболот на петте олимписки круга, Трстена во финалето беше поразен од Јапонецот Мицура Сато, по што мораше да се задоволи со сребрениот медал.
Потоа живее и се натпреварува во Германија, а во 1992 година го пропушта настапот на ЛОИ во Барселона. Четири години подоцна е член на малубројната македонска олимписка експедиција во Атланта 1996 година, каде, веќе како ветеран, стигнува до петтата позиција.
Се на се, Трстена има два олимписки медали, златен од ОИ во Лос Анџелес 1984 година, освои сребрен на ОИ во Сеул во 1988-ма година, но затоа е прогласен за најдобар борач во светот; потоа има две злата, четири сребра и две бронзи од Светските првенства; на Европските првенства злато, себро и бронза и три златни медали освоени на Медитерански игри (1983, 1987 и 1991 г.)
Во 1984 година прогласен за спортист на годината на Југославија. Неколку пати биран и за спортист на Македонија.
http://youtu.be/_nuDJSAM_kc
Зад него се вкупно 741 дуел на душекот, а дури на 715 е победник.
Учествувал вкупно на 42 турнири и освоил 30 златни медали, останатите се сребрени и бронзени.
19
Како 19 годишен станува Олимписки шампион, станува Европски шампион, неговиот рекорд се уште не е соборен, односно тој е најмлад олимписки шампион. На 19 годишна возраст е прогласен за спортист на годината на Југославија. На 19 годишна возраст е прогласен за спортист на годината на Македонија. На 19 годишна возраст е прогласен за спортист на годината на Балканот. На 19 годишна возраст е прогласен за спортист на годината на главниот град на Македонија, Скопје. Со 19 медали ја завршува неговата спортска кариера
Неговата активна кариера траеше од 1977 до 1996, односно 19 години. На 19 годишна возраст, неговиот син Илир, му ветува дека ќе се заложи да се објави неговата монографија, односно да се претстави неговата спортска кариера.
ipon.mi/В. Донев