Ристо Димитров – Чурино и Виктор Стојанов во сабота настапуваат на ММА настанот „Спартакус фајтинг чемпионшип 2“ (СФЦ) во Петрич-Бугарија, против домашниот борец Цветан Кирилов и Гркот Тасос Тахтампас, кој му е втор противник, бидејќи Џорџ Кечгиас (Грција) од непознати причини ја откажал борбата.
„Подготвен сум и психички и физички. Иако се подготвував, имав недостаток на спаринг партнери за ММА, а имав добри стенд ап и боречки спаринзи. За противникот дознав се што може во овој период, однонсо каков борец е и како тренира. Подготвив тактика и сега останува да ја пробам во кафезот“, изјави за Ипон.мк, Ристо Димитров-Чурино.
Димитров на фановите и порачува ако се во можност да отидат и да го подржат во Петрич, затоа што е блиску, а и многу ќе му значи.
И Виктор Стојанов ги нагласува подготвеноста и оптимизмот.
„Се чуствувам прекрасно. Се е ок…немам проблеми со килажата. Навистина се чувствувам топ и подготвен сум да му приредам пекол на Гркот. Што се однесува до мојот противник, не сум премногу импресиониран од него. Мислам дека има две борби, а искрено не размислувам многу за него. Очекувам брза победа во првата рунда. Времето на зборување заврши, сега е време да си ја завршам работата“, нагалсува Стојанов.
На овој настан требаше да настапи и Дејан Стефаноски од Велес, но тој ја откажа и оваа борба.
Од друга страна, Тоше Цветков во последен момент е повикан да се бори против Гркот Хилиас Специотис во К-1 до 91 кг.
Утре е официјалното мерење, а во сабота во „Арена Петрич“ започнува спектаклот.
Ipon.mk/В. Д.