Сара Радичевска го освои бронзениот медал во категоријата до 50 килограми во јуниорска конкуренција до 21 година на Европското првенство за кадети, јуниори и јуниори до 21 година. Ова е четврти медал за Македонија на првенството, а трети на каратист од КК Макпетрол. Николовски и Ристевски беа поразени во борбата за бронзениот медал, па така го освоија петото место.
Таа во првото коло беше совлдана од репрезентативката на Шапанија Гема Моралес-Озина по судиско прегласување откако борбата заврши нерешено 3-3. Бидејќи Моралес-Озина се пласираше во финалето, Радичевска отиде во репасажот и извојува две победи за да го освои бронзениот медал. Прво ја совлада Доминика Кучарова од Словачка со 9-0, а потоа и Украинката Марина Марчук со 4-0.
Од другите наши претставнички Марија Матракоска (-55 кг) имаше добар старт, ја победи Јохана Норд од Данска со 3-0, како и Ања Годник од Словенија со 4-0. Во третото коло налета на Турчинката Бусра Тосун, која ја порази со 5-1.
Нашата надеж Симона Забосрка во првиот меч се сретна со Виола Лало од Италија, од која претрпе пораз од 2-1. Исто така и Ивана Атанасова (-68 кг) беше поразена во првиот меч од Косовката Аделина Рама со 7-0.
Горан Николовски немаше среќа во борбата за бронзениот медал. Во репасажот загуби од Русинот Евгениј Плакутин со 5-0. Николовски одлично ги почна борбите за медал, бидејќи во првиот меч го совлада Валери Паруха од Белорусија со 5-0, потоа со 1-0 славеше против Германецот Валентин Фукс и Арон Меклоглин од Ирска со 3-2. Во полуфиналето се сретна со репрезентативецот на Србија, Милош Џаковиќ, кој беше подобар и победи со 6-3.
Ирфан Мисини (-67 кг), Стефан Ефремов (-75 кг), Емир Ќосовиќ (-84 кг) и Емануел Ристевски (+84 кг) ги завршија натпреварите на Европското првенство уште по првите мечеви. Ервин Галиќ (Б и Х) со 1-0 славеше над Мисини, Тео Отрин (Словенија- Ефремов 6-0, Урош Миљковиќ (Србија) – Ќосовиќ 3-0 и Александар Шестаков (Србија) – Ристевски 4-1. Сепак, Ристевски имаше среќа, Шестаков се пласира во финалето а тој отиде во репасажот. Првите две борби во репасажот Ристевски ги заврши со нерешен резултат, при што во судиското изјаснување ги добиваше борбите. Се сретна со Петер Пакси од Унгарија 0-0 и Тајрон-Дарнел Ларди од Холандија 6-6. Во клучниот меч за бронзениот медал се сретна со Гркот Диамантис Пападопулос, од кого загуби со 2-1. Така, денес ја испуштивме и втората шанса за бронзен медал.
Репрезентацијата на Македонија Европското првенство го завршува со четири медали-1 златен, 1 сребрен и 2 бронзени. Вероника Костовска (-54 кг) во кадетска конкуренција го освои златниот медал, а јуниорите Петар Забосрки (-76 кг) и Моника Пендаровска (-53 кг) освоија сребро и бронза и Сара Радичевска (-50 кг) во јуниорска конкуренција до 21 година.
ipon.mk/В. Донев