Борачот Абдулрашид Садулаев, двократен олимписки, петкратен светски и четирикратен европски шампион во слободен стил, заедно со целата репрезентација на Русија, ќе го пропушти Светското првенство за мажи и жени, кое од 10 до 18 септември ќе се одржи во Белград.
Причината е што Русија и Белорусија се отстранети од секаков вид големи спортски форуми поради воениот конфликт во Украина.
„Собир во Кисловодск (Олимписка спортска база на Русија). Тимот ја започнува последната фаза од подготовките за Спартакијадата во Казан“, напиша „Аварскиот тенк“ на Инстаграм.
Спартакијадата на најсилните годинава е планирано да се одржи од 20 до 29 август во три града одеднаш – Казан, Москва и Санкт Петербург, најави министерот за спорт на Руската Федерација Олег Матицин.
„Министерството за спорт ќе ја одржи Спартакијадата на најсилните од 20 до 29 август. На настанот ќе учествуваат руски спортисти, програмата ја планираме во согласност со програмата на Олимписките игри во Париз во 2024 година. Се подготвуваме да одржиме натпревари во неколку градови – Москва, Казан и Санкт Петербург, ова се должи на логистиката и достапноста на спортски објекти“, изјави Матицин за ТАСС.
Победниците и наградените на Спартакијадата ќе добијат награда на ниво на победниците на светските првенства.
„Резултатите од Игрите ќе бидат земени предвид и за доделување титули и категории“, додаде првиот човек на Министерството за спорт.