Руските боксери се со намера да ги бојкотираат Олимписките игри во Токио доколку не им биде дозволено да се натпреваруваат под националното знаме, рече генералниот секретар на локалната федерација Умар Кремлов во изјава за новинската агенција Асошиејтед прес . Одлуката ја донеле едногласно членовите на олимпискиот боксерски тим.
„Тие не сакаат да одат во Токио без знаме и химна. Ние не се натпреваруваме само за медали, туку за честа на нашата земја”, изјави Кремлов. Генералниот секретар на федерацијата додаде дека повеќето олимпијци ќе се преселат во професионалниот бокс, каде санкциите против земјата не важат.
„Светскиот шампион (во професионален бокс) е пошироко признат од олимпискиот шампион во секој случај. Ако другите дисциплини се виновни за кршење на регулативите на ВАДА, тогаш зошто треба да бидеме казнети? Сакаме нашиот спорт да биде чист“, додаде тој.
Руската агенција за анти-допинг ќе донесе одлука на 19 декември дали ќе ја обжали одлуката на ВАДА.