Македонските репрезентативци членови на Карате клубот Макпетрол од Скопје успешно ги завршија и вториот дел од подготовките кои се зацртани со планот и програмата на кубот за учество на светската Премиер карате лига во Лисабон, Португалија и Европското сениорско првенство во Пореч, Хрватска. Каратистите се вратија од еднонеделни подготовки кои ги направија во Подгорица, Црна Гора, заедно со каратисти од комплетната репрезентација на домаќинот, но овој пат и со репрезентативци од Украина, Босна и Херцеговина, Косово и Албанија, од 16-22 април.
Овие подготовки се втора фаза во подготвителната тренажна периодизација која е осмислена од стратегот на клубот Бошко Заборски а директно на татамите ја спроведува натпреварувачот и тренер Петар Заборски, кој беше предводник на македонските каратисти во Подгорица.
На подготовките учествуваа: Петар Заборски, Петар Спасеновски, Давид Петков, Глигор Петков, Абдурахим Идризи, Моника Пендаровска, Анѓела Мојсовска и Викторија Јовановска.
„Во услови кога во нашата држава се засилија мерките за претпазливост поради пандемијата, ние моравме да изнајдеме начин да не ја прекинеме нашата подготвителна програма. Затоа веднаш заминавме за Црна Гора, каде што со најелитни каратисти од балканскиот регион и заедно со репрезентацијата на Украина, направивме извонреден тренинг камп, каде што имавме извонредна можност да ја проверивме нашата моментална форма. Формата ја темпираме пред се за Светската лига во Лисабон, Португалија, каде сме пријавени за учество на престижен турнир во организација на Светската карате федерација (ВКФ). Во Португалија ќе учествуваме со 4-ри каратисти од нашиот клуб, сите високо рангирани на светската ранг-листа во своите тежински категории. За Лисабон-Португалија, заминуваме во четврток (29 април) и остануваме до 3 мај на турнир од светската Премиер карате лига ќе учествуваме: Петар Заборски-75 кг, Петар Спасеновски-84 кг, Абдурахим Идризи -60 кг и Мојсовска Анѓела -68 кг“, вели тренерот Петар Заборски.
Петар вели дека подготовките во Подгорица се значајни и за репрезентативците од клубот кои ќе учествуваат во месец мај на Европското сениорско првенство кое ќе се одржи во Пореч, Хрватска.
„По враќањето од Лисабон веднаш продолжуваме со подготовки, но сега ние ќе бидеме домаќини, како Карате клубот Макпетрол. Ќе дојдат црногорските репрезентативци во Скопје заедно со нивниот селектор Жарко Раковиќ наш голем пријател и соработник“, вели Заборски.
Како што каратистите на Макпетрол доминираа на Државното првенство на Македонија, така и Омладинац беше убедлив на Шампионатот на Црна Гора, а тоа добар вовед пред ЕП.