Реакција на тренерот Жарко Арсовски: На подготовките за СП во Будимпешта испративме максимално подготвени репрезентативци, а на првенството се појавија демотивирани и во екстремно лоша форма

„На подготовките за сениорското Светско првенство во карате што се одржа во Будимпешта минатата седмица, домашните тренери испратија максимално подготвени репрезентативци кои требаше да освојат медали, а на првенството ниту еден од нив не покажа ниту 30 отсто од своите можности. Што се случуваше на подготовките на репрезентативците? И зошто толку драстично им падна формата за само две недели?“,  ова се дел од прашањата што јавно ги постави тренерот на КК Штип, Жарко Арсовски, прв освојувач на медал од светско првенство за Македонија во 2010 година, еден од тренерите на најтрофејниот каратист во Македонија, Емил Павлов.

Арсовски реагира на формата што ја прикажале македонските карате-репрезентативци на Светското првенство во Унгарија во делот на борбите, односно дисциплината (кумите).

Тој тврди дека формата им била крајно лоша, но не по нивна вина. Арсовски објаснува дека пред почетокот на подготовките репрезентативците биле во врвна форма, а тоа може да го потврди бидејќи голем дел од нив се негови ученици што ги тренира, а останатите се каратисти со кои заеднички се подготвувале за настапи, како и за идните предизвици во каратето.

„Тврдам со факти дека на подготовките ги испративме репрезентативците максимално подготвени, а на СП ниту еден репрезентативец не покажа ниту 30 отсто од своите можности. Ќе земам слобода да дадам мислење за Емил Павлов, затоа што е мој натпреварувач. Емил на Балканското првенство во финалето се сретна со актуелниот вицешампион, Ненад Дуловиќ од Црна Гора. Тоа беше борба во која Емил беше видно оштетен, а мечот заврши 6-5 за Дуловиќ. Емил тогаш покажа карактер на спортист кој сѐ уште е во врвот на каратето, да им парира на светските карате велесили и да биде во борба за нов светски медал“, вели Арсовски и додава:

„Втората контрола на формата на Емил беше Серија А, Светската лига во Ларнака- Кипар. Одлични 4 победи и 2 минимални порази, буквално во последните секунди, а притоа многу поени во сите борби со многу пресврти. Ги гледав сите наши репрезентативци на Балканското првенство и на Серија А и бев пријатно изненаден. Сите каратисти покажаа желба за победа и голема пожртвуваност, некои освоија медали, а сите останати беа многу блиску до освојување“.

По ова, нашите спортисти заминале на подготовки за Светското првенство со нивниот селектор и не биле под контрола на тренерите нешто повеќе од две недели. Арсовски вели дека тој и уште двајца тренери не биле во делот на официјалните лица и на свој трошок отишле во Будимпешта за да ги бодрат нашите каратисти. Сите очекувале дека голем дел од репрезентативците ќе бидат во борба за медали, затоа што сите биле во одлична форма до почетокот на подготовките.

„Кога почнаа борбите се случи токму спротивното, со многу малку освоени поени, многу порази, без желба за победа. Едноставно како сите да чекаа конечно првенството да заврши. Нема да спомнувам имиња, туку ќе кажам дека ниту еден репрезентативец не беше на ниво на своите можности. Меѓутоа, сигурен сум дека не се тие виновни. Останува прашањето: Што се случуваше на подготовките? Зошто толку драстично им падна формата за само недели? Дали беа премногу форсирани или недоволно тренирани за тие две недели кога не беа под наша грижа? Дали беа тактички погрешно советувани? Дали имаше некои кавги и несогласувања во самиот тренинг центар, па тоа негативно влијаеше на спортистите? Дали беа недоволно мотивирани?“, прашува Арсовски.

Тој истакнува дека не е првпат да се поставуваат овие прашања, туку тие отворено се поставуваат по секое европско и светско првенство откако карате-репрезентацијата има нов селектор-тренер и негови помошници, од кои дел немаат ниту активен клуб со натпреварувачи.

„Немам друг избор освен да барам оставка од селекторот Александар Кузмановски. Никој не ги оспорува кадетско-јуниорските резултати, но овде зборуваме за сениори, друга димензија на карате, која очигледно е преголем залак за него. Ќе го замолам да му го отстапи местото на некој што позитивно ќе одговори на оваа задача. Се надевам дека моите зборови ќе допрат до голем дел од македонските љубители на карате спортот и заедно, рамо до рамо, ќе реагираме заеднички со една и единствена цел – враќање на каратето на победничките патеки со нови шампиони и со негување и мотивирање на постојните како лидери на тимовите“, завршува Арсовски.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON