Легендарниот холивудски актер и поранешен професионален боксер, Мики Рурк, е подготвен да се ожени и по трети пат. Негова невеста ќе стане долгогодишната девојка Анастасија Макаренко.
Веќе подолго време се зборува за брак меѓу нив. Иако сите беа песимисти, нивната врска опстана и стана многу посилна. Ѕвездата од „Борачот“ и моделот се заедно од 2009 година. Тие се уште одат држејќи се рака за рака и покрај црното пророштво на познатата руска јасновитка Наталија Воротникова. Јасновитката побрза да ги раздели, но не успеа.
„Мојата романса со Анастасија е најсериозното нешто што ми се случило во последните неколку години“, рече Рурк и додаде дека е многу среќен со неа.
Анастасија (28 год.) долго време живее во Лос Анџелес. Таа има и неколку мали филмски улоги. Рурк помина неколку дена во Русија, покрај демонстративниот бокс меч против Елиот Сејмур. Американецот ја доби средбата со нокаут. Мечот беше критикуван од стручњаците и окарактеризиран како целосна фарса.
Мики е познат поддржувач на Владимир Путин. Според извори блиски до 62 годишниот актер, тој на свадбата ќе го покани и претседателот на Русија, која се планира за 2015 година. Рурк има два неуспешни брака со актерки. Првиот е со Дебра Фојер, а вториот со Карин Отис.