Првиот манга (јапонски стрип) на македонски јазик: Стрипот е силно оружје за пренесување на порака!

Неодамна во издание на единственото македонско доџо за класични јапонски боречки вештини во нашата земја „Пат кон Сонцето“, излезе од печат првата манга на македонски јазик, чиј автор е Таки Гаковски. За таа цел, разговаравме со водачот на доџото Игор Довезенски, кој овој пат зборува во улога на издавач на стрипот.

Игор Довезенски со авторот Таки Гаковски и дел од членовите на доџото „Пат кон Сонцето“ за време на промоцијата на стрипот.

Ипон: Кажете ми што Ве натера да застанете зад овој стрип и зошто се одлучивте да го издадете?

Довезенски: Најпрвин затоа што авторот на мангата е мој личен ученик, а јас секогаш стојам зад моите ученици, без разлика на нивното дело. Уште од моментот кога ќе влезат во моето доџо, почнувам да ги потикнувам да се занимаваат со некоја уметност, водејќи се по принципот БУНБУ РЈУДО 文武両道односно „Мечот и умот мора да бидат обединети“.

Така започна и приказната со Таки Гаковски, авоторот на стрипот. Кога се зачлени во доџото, забележав дека има талент за цртање, па постепено на разни начини се трудев да ја потхранувам неговата дарба. Еве го денес израсна и созреа во вистински уметник – како боречки, така и ликовен.

Втората причина поради која се нафатив да бидам издавач е самата содржина на стрипот. Таму е раскажана приказна која содржи многу елементи на боречките вештини кои се вежбаат во „Пат кон Сонцето“. Судир меѓу доброто и злото, прикажано низ призмата на светот на јапонските самураи и нинџи, кои на чуден начин имаат интеракција со неколку македонски воини. Не сакам да откривам повеќе детали за самата содржина, да не им ја уништам забавата на потенцијалните читатели, меѓутоа стрипот е возбудлив од првата до последната страница.

И последната причина зошто застанав зад ова издание е мојата љубов кон стрипот која започна уште од како се сеќавам за себе. Израснав читајќи ги романчињата со Загор и со останатите јунаци на „Златна серија“ и на „Лунов магнус стрип“. Тие ми помогнаа да научам да читам латиница уште на три години, а особено да ми ја развијат фантазијата. Знаете, стрипот ви го нуди најефтиниот билет за патување низ разни светови и неверојатно добро влијае врз развојот на имагинацијата кај децата. А таа е многу важна за правилниот ментален развој на најмладите. Освен тоа, стрипот е многу силно оружје за пренесување на пораки, а во ова модерно време, секое оружје кое што носи позитивен напредок мора добро да се искористи. Камо среќа нашите деца место да дремат на телефоните, да почнат да читат стрипови. Мислам дека целата нација ќе тргне кон подобар пат.

Ипон: Исплатливо ли е да се напише и да се издаде стрип во нашата земја?

Довезенски: Секако дека не е. Ние сме една шака народ, кој одамна понира на интелектуално ниво. Освен тоа, поради финансиската состојба во Македонија, луѓето се одлучуваат да потрошат пари на основните (преживувачки) потреби, така што пари за култура или супкултура воопшто не се трошат. Јас бев наполно свесен дека нема да имам никаква финансиска добивка од овој проект, меѓутоа таа работа никогаш не ми била важна во животот. Секогаш сум ги правел работите од љубов и со љубов, па така беше и со стрипот. Важно е да се дозволи на еден млад уметник да се искаже во тоа што најдобро го прави, а истовремено да се овозможи на младата генерација да ѕирне во животот и во навиките на нивните родители односно да го помирисаат светот во кој што нашата генерација растела. Без кабловски телевизии и без интернет. Доколку ги „извадиме“ парите за печатење ќе бидеме среќни бидејќи ќе му овозможиме на Таки да продолжи да црта. Доколку не ги извадиме, повторно ќе бидеме среќни бидејќи ќе оставиме белег врз македонската стрип-култура. А некако ќе се потрудиме да обезбедиме средства и за следниот стрип.

Ипон: Токму тоа сакав да ве прашам за крај, дали стрипот ќе продолжи да се издава?

Довезенски: Планираме да издадеме уште најмалку еден на македонски јазик, а потоа да продолжиме да издаваме на англиски за еден поширок пазар. Тука планирам да се вклучам и јас, односно да го пишувам сценариото за стрипот, а потоа Таки да го илустирира. Веќе почнавме со работа, па се надевам дека за неколку месеци ќе имаме готов продукт.
Секако, иако во иднина ќе се издава на англиски јазик, од љубов кон нашата татковина Република Македонија, секое издание ќе биде испечатено во мал тираж и на македонски, бидејќи тоа е јазикот кој тече низ нашите вени.

Ipon.mk

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО