Поранешниот шампион на УФЦ Френсис Нгану ги надмина очекувањата во дебито во професионалниот бокс против Тајсон Фјури.
На крајот на октомври минатата година камерунскиот удирач со поделена одлука загуби од шампионот на ВБЦ, кој дури беше соборен во третата рунда.
Нгану со својот настап ги воодушеви љубителите на боксот, кои веројатно со нетрпение ја чекаат неговата следна борба која ќе се одржи во Саудиска Арабија на 8 март, против Ентони Џошуа.
Боксерскиот промотор Еди Херн тврди дека Еј Џеј може да го скрши поранешниот шампион на УФЦ. А до тој заклучок дошол откако го погледнал видеото од мечот меѓу Нгану и Фјури.
„Борбата меѓу Еј Џеј и Френсис е поинаква. Тоа е опасен меч. Добрата вест е што сега го имаме видеото на Нгану од борбата против Фјури и ја боксираше десет рунди“, изјави Еди Херн за Гивми спорт и продолжи:
„Џошуа сега може полесно да се подготви за Нгану, но има уште многу непознаници. Френсис може да удира континуирано и е исклучително силен. Мора да го сфати сериозно и добро да се подготви психички“.
Промоторот на Џошуа е свесен колку Еј Џеј ризикува борејќи се со Камерунецот.
„Мора да биде дисциплиниран и храбар како и секогаш. Кога ќе дојде време, треба да има желба да го повреди противникот. Нгану е човек планина. На сите мора да им е јасно дека уште од првиот момент веруваше дека може да го победи Тајсон Фјури. И сега верува дека може да го победи Ентони Џошуа“, рече Еди Херн и подвлече:
„Нгану има сила и може да победи секого, но мислам дека секогаш ќе биде аутсајдер против некој што боксира со години и ги усовршува своите вештини. Мислам дека ќе биде голема борба. Нервозен сум, но верувам дека Еј Џеј, ако се држи до својата тактика, ќе заврши добра работа. Ентони ќе победи со прекин“.
На победникот му беше ветено дека ќе добие шанса да се бори против подобриот од мечот Тајсон Фјури – Александар Усик, кои на 18 мај ќе се борат за титулата апсолутен светски шампион во тешка категорија. Но, мечот има договорена клаузула за реванш.