Промоторот на Џошуа открива дека Саудијците не се задоволни од мечот меѓу Еј Џеј и Вајт

Поранешниот боксерски шампион во тешка категорија, Ентони Џошуа, по двата порази од Александар Усик, бара нов пат до врвот.

Олимпискиот победник од Лондон (2012) ја прескокна првата пречка, во април по судиска одлука го совлада Џермејн Френклин, а деновиве договори меч против Дилиен Вајт.

Пресметката меѓу британските тешкаши ќе се одржи на 12 август во лондонската О2 Арена, а тоа ќе биде нивна втора борба по осум години кога Еј Џеј победи со прекин во седмата рунда.

По таа борба Џошуа има намера повторно да влезе во рингот до крајот на годината во декември во Саудиска Арабија против Дионтеј Вајлдер.

Промоторот на Џошуа, Еди Херн, открива дека Саудијците не се задоволни од мечот меѓу Џошуа и Вајт, бидејќи договорот со Бронзениот бомбардер може да пропадне. Но, Херн истакнува дека Еј Џеј инсистирал на таа борба.

„Ентони Џошуа има сигурен меч против Дионтеј Вајлдер во декември. Тоа е една од најголемите борби во боксот во моментов, но Еј Џеј сакаше да се врати во рингот и да се бори со Дилиен Вајт што е можно поскоро. Не бев многу среќен, бидејќи знам дека е опасен меч поради многу емоции. Тие не се сакаат. Сигурен сум дека нè очекува огномет од акција“, изјави Еди Херн и додаде:

„Џошуа можеше едноставно да дочека дуел со Вајлдер или да најде полесен противник. Но, одлучи да ризикува. Но, ако загуби од Вајт, може да остане без меч со Вајлдер. Саудијците не сакаа Еј Џеј да се бори со Вајт. Ентони не сакаше да слуша, го сакаше тој меч“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО