Прием за Емил Павлов во АМС по златото во Премиер лигата (ФОТО)

Најдобриот каратист на Македонија Емил Павлов беше на прием во Агенцијата за млади и спорт по повод освојувањето на златниот медал на силната Карате 1 Премиер лига во Салзбург, Австрија.

Тој во финалната борба  со 5-4 го совлада актуелниот светски шампион, Анџело Кресченцо. Павлов до победата стигна буквално со поен освоен во последната секунда и повторно како и на Европското првенство во 2019 година беше подобар од Италијанецот. Оваа победа беше голем поттик за уште поголема самодоверба пред Европското првенство и квалификацискиот турнир за пласман на ЛОИ во Токио.

Директорот на АМС, Дарко Каевски нагласи дека Агенцијата стои на располагање за сите потреби на Емил Павлов, и ќе ги овозможи сите потребни услови за одржување и подигање на формата за наредните настапи во Баку и ЕП во Париз, од каде се очекува обезбедување на норма за настап на ОИ во Токио.

-Емил е пример како еден спортист треба да се однесува, и за нас е еден од најуспешните спортисти во државава, истакна Каевски.

Пет победи во пет борби, од кои во борбата за злато Емил направи пресврт во последните секунди и успеа да го сврти резултатот во своја корист и да го освои посакуваниот златен медал. Во момемтов Павлов е седми на Европската ранг листа, и за да обезбеди пласман на ОИ ќе мора да се избори најмалку за бронзен медал на претстојното ЕП, кое од 8-10 мај ќе се одржи во Париз.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON