Претседателот на МОК одговори на критиките поради Русите

Критиките на некои европски влади против планот за целосно враќање на руските и белоруските спортисти на меѓународните спортски турнири ја поткопуваат автономијата на спортот, изјави во четвртокот претседателот на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК), Томас Бах.

„Жално е да се види дека некои влади не се подготвени да ја почитуваат автономијата на спортот, мнозинството во олимпиското движење и сите засегнати страни. Овие влади го игнорираат прашањето за двојни стандарди. Не видовме ниту еден коментар за нивниот став за учеството на спортистите од земјите од преостанатите 70 војни и вооружени конфликти ширум светот“, рече Бах на крајот од состанокот на Извршниот комитет на МОК.

Во средата, МОК издаде серија препораки до меѓународните спортски федерации кои најверојатно ќе им дозволат на спортистите од Русија и Белорусија да се вратат по забраната минатата година по упадот на руските трупи на украинска територија.

Меѓународниот олимписки комитет во подоцнежна фаза ќе донесе посебна одлука за евентуално учество на спортисти од Русија и Белорусија на Олимписките игри во Париз следната година.

„Владините интервенции го зајакнаа единството на олимпиското движење. Владите не можат да одлучуваат кои спортисти на кои натпреварувања ќе се натпреваруваат. Ова би бил крај на светскиот спорт каков што го знаеме сега“, изјави Томас Бах за ДПА.

Владите на Украина, Полска, Чешка и други европски земји не го прифатија евентуалното враќање на руските и белоруските спортисти на меѓународните турнири бидејќи војната на Русија во Украина се уште трае.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON