Поранешниот шампион на УФЦ во полутешка категорија и предизвикувач во средна категорија, 43-годишниот Лиото Мачида ги загуби последните три борби (Гегард Мусаси, Фил Дејвис и Рајан Бадер).
Бразилскиот борец веќе може да размислува за пензионирање, но претседателот на Белатор, Скот Кокер, најавува дека Драгон наскоро ќе се врати во акција.
„Мачида сака да се бори и ќе добие шанса во март или април. Сакаме сите наши ѕвезди да се борат барем еднаш дотогаш. Во последно време имаше неколку порази од тешки противници. Загуби, но мислам дека има повеќе енергија во него – изјави Скот Кокер и додаде:
„Има направено многу за ММА спортот и е легенда на слободното борење. Нека одлучи сам како сака да ја заврши кариерата.
Лиото Мачида во кариерата има 26 победи и 11 порази.
Некои од неговите нокаути, особено оние против Ренди Котур и Витор Белфорт, засекогаш ќе останат запаметени во историјата на слободното борење.
Тој се натпреваруваше во УФЦ од 2007 до 2018 година, а го освои шампионскиот појас во полутешка категорија во 2009 година против Рашад Еванс. Еднаш ја одбрани титулата.