Правилникот за избор, финансирање и наградување на државните репрезентативни селекции на Карате федерацијата на Македонија (КФМ) предизвика многу реакции особено челнот 22, според кој трошоците за настап на репрезентативците на меѓународни првенства (балканско првенство, медитеранско првенство, медитерански игри, европско и светско првенство) да паѓаат на терет на клубовите и натпреварувачите.
Подоцна Извршниот одбор ја промени формулацијата за претстојните критериумски турнири од Карате 1 Премиер лигата (Лајпциг, Истанбул и Салзбург) и за подготовките кои се во тек, дека оние каратисти што се меѓу првите 50 на ранг листата на ВКФ (Светската карате организација) на подоготовки и наведените натпреварувања ќе одат на сметка на КФМ, а другите што се со пласман од 51 до 100 место ќе имаат покриеност на трошоците од 50 отсто.
Во секој случај реакциите вродија со делумен плод, но и понатаму останаа одредбите во член 22, а и многу други работи се недоречени и спротивни самите на себе или кажано со правен реченик тие се во колизија. Голем дел, а да не речеме во целост, беа одбиени предлозите на клубовите. Ваквиот однос е на штета на каратето и воопшто на македонскиот спорт.
Но, остануваат недореченостите, така нема да се рефундира трошокот ако ја менува конкуренцијата. Само по себе е неодржливо, бидејќи некој по природата на нештата мора да ја смени конкуренцијата од кадет да оди во јуниор, јуниор 21 или сениор. Со овој пропас се осудуваат на казна носителите медали, иако ги докажале своите вредности. Дури и да ја смени категоријата, пак, биолошките закономерности ги диктираат работите, а не човечкиот фактор или некој намерно се одрекува од човечките потреби. Во вакви случаи џабе е наметнувањето на спортска психологија, кога таа е уништена со две реченици.
Во членот 8 има недостатоци околу начинот на бодување, односно „казнување“ на каратистите не по нивна вина туку по административна, затоа што сите бодови немаат иста тежина, така што испаѓа залудна трката на вториот и третиот кандидат за репрезентацијата.
На пример, во точката 4 од овој член ласманските бодови се пресметуваат од добиените борби од критериумските натпревари: Државно првенство, минимум една добиена борба со противник, Балканско првенство минимум една добиена борба со противник, Светски куп, Премиер лига и Европско првенство со минимум 2 добиени борби со противник.
Проблемот е што во многу категории има по двајца натпреварувачи, така што вториот натпреварувач административно е оштетен и нема да добие ниту еден бод, не по негова вина. По овој систем и во категорија со пет натпреварувачи носителите на бронзените медали ќе останат без бодови. Значи, кога се бира репрезентација, сите треба да стартуваат во рамноправни услови и да ја направат уште пожестока конкуренцијата за место во националниот тим.
Друг административен акт кој е на штета на макеоднското карате е пласаманот меѓу првите 50 каратеки на ВКФ листата за да се настапи на критериумскиот турнир за квалификации на Олимписките игри во токио 2020, Карате 1 Премиер лигата – Париз опен 2018. Нашето Државно првенство се одржува во декември, а Париз опен е во јануари, шампионот на Македонија, ако не е во првите 50 на ВКФ листата, нема да учествува на овој турнир. Инаку Париз опен ќе биде лимитиран на 64 учесници по категорија.
Од друга страна, не е јасна и одредбата на предлог на претседателот да се оди на анти-допинг тест. Се знае како оди таа работа и како е пропишано тоа, вака испаѓа дека со декрет се решаваат работите, иако во другите спортови не е така, а многу поодамна се олимписки.
Во Правилникот зa избор нa тренери нa држaвните репрезентaции нa КФМ во членот 5 има колизија на критериумите, при што се бара да имаат сертификат за ВКФ акредитиран тренер и да имаат завршено соодветно образование согласно Закон за спортот. Овие два критериуми се неспоиви, туку треба да стои „ИЛИ“. Впрочем, вакво ограничување нема и во ВКФ.
На сите овие работи треба посериозно да се пристапи, затоа што штетата не е на овој или оној поединец, само поради тоа дали се согласува или не со првиот човек, туку таа е на спортот и на спористите.
Ipon.mk/В.Д.