Љубителите на боксот беа воодушевени од минатонеделната вест дека Тајсон Фјури и Александар Усик се договориле да се борат за апсолутен светски шампион во тешка категорија.
На почетокот на годината нивните тимови се обидоа да договорат пресметка во април, но преговорите пропаднаа и двајцата бараа нови предизвици.
Усик во август го победи Даниел Дубоа за да ги одбрани трите светски титули, додека на крајот на овој месец Фјури ќе боксира против Френсис Нгану.
Мечот е најавено дека ќе се одржи во декември или почетокот на следната година во Саудиска Арабија, но поранешниот светски шампион Џорџ Гроувс се сомнева дека мечот воопшто ќе се случи.
„Најавија борба меѓу Усик и Фјури, но кој знае дали навистина е направено како што треба?“, вели Џорџ Гроувс, а потоа се обиде да објасни:
„Не го соопштија датумот, ниту одржаа прес-конференција. Искрено, малку сум скептичен дека тоа воопшто ќе се случи. Мислам дека постои можност да се работи за измама. Не велам дека нешто не е договорено, затоа што тоа го најави и Усик. Веројатно нешто е потпишано, но времето кога излезе во јавност е многу интересно“.