Излезе од печат втората книга на Димче Јанковски „Половина век карате“ која е посветена на јубилејот „50 години карате во Македонија“, чија официјална промоција ќе се случи на 42-то издание на Лорд купот во сабота во населбата Аеродром во Скопје во ОУ Ѓорги Пулевски со почеток во 11 часот.
Ова е втора книга на мајсторот кој ја има членската книшка број 1 во Карате федерацијата на Македонија, првата е насловена „Мојот вадо“ издадена во 2007 година.
По повод издавањето на втората книга Јанковски за Ipon.mk вели:
„Првата книга беше посветена на мојот животен пат, додека во втората е опфатена карате активноста од 1967 гоидна па до денес. Во книгата се наведени моите активности во организирањето на Карате сојузот на Македонија ( сега Федерација), потоа како член на Извршниот одбор, претседател на Судиската и Регистрациската комисија“.
Во „Половина век карате“ се опфатени неговите активности во првиот регистриран Карате клуб во Македонија „Мирче Ацев“, како и организирањето на најдоговечниот турнир во нашата земја „Лорд купот“ кој се организира 42 години и 16 години на „Ирена купот“, кој беше наменет исклучиво за натпреварување на жени, а кој згасна откако го презема КФМ.
Од друга страна оваа книга е две во едно, бидејќи во неа се додадени материјалите од необјавената монографија по повод организацијата Европското вадо кај првенство во Скопје во 2001 година.
„Вадо кај клубовите си дадоа свое мислење за овој стил на карате во Македонија и ги прикажаа нивните успеси и развојот на клубовите. Бидејќи Европското не се одржа и монографијата не се објави“, вели Јанковски.
Книгата е богата со фотографии и документи со извонредно историско значење за развојот на карате спортот во Македонија.
Ipon.mk/В.Д.