По нокаутот против Нгану, Џошуа истакнува дека треба да биде сопственик на појасот на Фјури

Ентони Џошуа рече дека треба да добие шанса да се бори за светската титула откако го победи Френсис Нгану со нокаут во втората рунда на боксерскиот настан во Ријад.

Британскиот тешкаш стигна до уште една убедлива победа, четврта во низа, а до убедливиот триумф стигна откако три пати го собори поранешниот шампион на УФЦ.

Камерунскиот удирач не беше ни сенка на борецот кој се претстави пред боксерската јавност во октомври минатата година, кога загуби со поделена одлука по десет рунди со одличен настап против шампионот на ВБЦ, Тајсон Фјури.

Џошуа изјави за печатот дека треба да биде сопственик на појасот на Фјури, бидејќи против Нгану беше многу поубедлив од Џипси Кинг.

„Френсис Нгану беше подобар од шампионот на ВБЦ, а сега го победив“, изјави Ентони Џошуа, кој го пофали Камерунецот:

„Тој е голем борец и сонувач, но подготвен да ризикува. Неговата приказна нема да заврши вечерва. Измина долг пат и има уште многу да дојде во неговата кариера“.

Џошуа се надева дека сега треба да добие шанса да се бори со подобриот од неприкосновениот светски шампион во тешка категорија меѓу Тајсон Фјури и Александар Усик.

Нивната борба е закажана за 18 мај, по што најверојатно ќе договорат реванш, па Еј Џеј во меѓувреме би можел да договори уште една борба.

„Секогаш велам дека на патот до титулата треба да се остане фокусиран, но сега отстапив од таа мисија. Кога го гледав мечот меѓу Нгану и Фјури, си помислив: „Тој знае да се бори“! Френсис е инспирација, голем шампион и тоа не ги намалува неговите способности, бидејќи во боксот има само еден победник“, изјави Ентони Џошуа по мечот и продолжи:

„Може да се врати, му реков да не го напушта боксот. Нгану може да биде добар во тоа, тој имаше два меча и се бореше најдобро. Ако остане посветен, може да оди далеку. Но, се зависи од него“.

Британецот ги коментираше и приказните во пресрет на мечот дека може да загуби од Нгану.

„Во тешка категорија, доволен е еден удар за крај на мечот. И ако Нгану ме нокаутираше, сите ќе речеа дека морам да се повлечам. Само сакам да кажам дека секогаш треба да се стремите кон подобро“, подвлече Ентони Џошуа.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON