По иницијатива на Вардар за 20 дена ќе има вонрердно Собрание на ФБСМ!

Cedo Nikolovski

Тринаесет клуба од вкупно 17 ја потпишаа иницијативата на БК Вардар за свикување на вонредно Собрание на Федерацијата за боречки спортови на Македонија (ФБСМ), при што се очекува и потписот на Лирија. Денеска официјално беше доставена иницијативата за свикување вонредно седница, на која ќе се бира ново раководство.

Досега иницијативата ја потпишаа: Вардар, Балканец, Бучим-Радовиш, Спартак, Извор, Работнички, 7 Мај Леов, Скопје, Тефејуз, 7 Мај Тигар, Чаир, Безбедност и Неготино.

Да потсетиме дека во април годинава имаше Собрание, но тогаш немаше забелешки.

Претседателот на ФБСМ, Чедо Николовски, за иницијативата вели: „Иницијативата е легитимна. Би била легитимна и да се пет, а не 13 клуба, иако многу од нив се фиктивни, без борачи, но според Статутот имаат право на глас. Тоа не е ништо ново, такви фиктивни клубови имало и на поранешните изборни собранија. Ќе свикам Управен одбор на ФБСМ во наредните денови, на кој ќе одлучиме кога ќе се одржи вонредното Собрание – пред или по Светското првенство“.

Во рок од 14 дена од поденусвањето на иницијативата треба да се закаже Собранието, а за 20 да се одржи.

Тој не ја оспорува легитинноста да го кажат мислењето за целокупната работа, при што ФБСМ се става на распогање за да го овозможи тоа.

Ljubisa Pesko portret

Иницијална каписла за иницијативата за вонредно Собрание беше суспензијата на тренерот на репрезентацијата во грчко-римски стил, Љубиша Пешко, кој, патем, јавно го искажуваше незадоволството од начинот на работа со репрезентацијата и од организацијата на подготовките на најдобрите борачи пред Светското првенство во Лас Вегас, САД, што ќе се одржи во септември, на кое можат да се обезбедат олимписки норми за Олимпијадата во Рио 2016 година. Пешко реагираше дека неговата суспензија, наводно, е нестатутарна, што во интервју за Мрежа.мк го потврди и претседателот на Дисциплинската комисија на ФБСМ, Илија Трајанов. Суспензијата ја соопшти потпретседателот на ФБСМ, Бетим Вренези, по инцидентот на Европските игри во Баку, Азербејџан, каде што Пешко го водел борачот на Вардар, Заур Ефендиев, и имал српска акредитација, покрај македонската.

Николовски нагласува дека Пешко не е селектор, туку тренер на македонските борачи во грчко-римски стил и дека е назначен на таа функција по негова иницијатива, иако сите биле против него. За Николовски била пресудна клупската припадност, односно и двајцата се вардарци.

„Сака да работи, се труди, точно е дека даде свои пари за младинското ЕП во Полска, но ние му плативме авионските билети за него, борачите и за Ефендиев, кој им спарингувал, само за четири дена, колку што е законски. Второ, тој не е суспендиран, туку сам си поднесе оставка од местото тренер на репрезентацијата со потпишана изјава. Тоа не значи дека е тргнат од репрезентацијата,“ објаснува Николовски, кој овие работи ги кажа и на неодамнешната прес-конференција.

Тој истакнува дека сета работа се случува во многу незгоден момент, кога репрезентацијата треба да се подготвува за СП, поради што се одложени и подготовките во Берово, но и средбата со претседателот на Обединетото светско борење, Ненад Лаловиќ.

Според него, некоректно е од страна на Пешко што во целиот скандал го вмешал Македонскиот олимписки комитет и неговиот генерален секретар Сашо Поповски, кој им бил од голема помош не само со финансирање на подготовките, туку и со изготвување програми, патувања во Бугарија и Србија и слично.

„Не е лесно да се обезбедат пари за сите активности. Се снаоѓаме како што знаеме и умееме, зашто од Агенцијата за млади и спорт имаме само 600 илјади денари годишно, а само за подготовки се потрошени 100 илјади евра. Треба да се најдат пари како да се покријат 150 дена подготовки за шестмина репрезентативци, нивни настапи на турнири во Бугарија и Турција. Еве, најсвеж пример е последното пионерско првенство во Бугарија, каде што организаторот бараше 3.000 евра за учество. Морав веднаш да реагирам и со сопствено возило и на свој трошок отпатував и се изборив да ги протнам да се борат и без бараната котизација,“ заврши Николовски.

 ipon.mk/В.Д.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON