Македонската сениорска карате репрезентација по подолго време ќе има меѓународен настап, бидејќи лани поради Европските игри во Баку беше згуснат и пренатрупан во првата половина од годината.
Викендов нашите репрезентативци ќе настапат на Балканското првенство во Истанбул, Турција. Тоа е прилика да се проверат можностите нба кандидатите за репрезентативниот состав за Европското и за Светското првенство, но и други значајни меѓународни настапи.
„По подолго време и сениорите ќе имаат официјален меѓународен настап, а, со тоа, практично почнува трката за место во репрезентација за Европското првенство во Монпелје (Франција) и Светското во Линц (Австрија). Формата за Балканското првенство кај сите е во нагорна линија, но сигурно е далеку од топ. Што е и добро, зашто е прерано за да се дигне формата. Но, сепак, мора да биде на некое повисоко ниво, зашто мора да се собираат поени. На Балканското очекувам добар настап и максимално залагање на сите репрезентативци. Имаме квалитетен ростер и секој може да стигне до медал“, истракнува тренерот на сениорската репрезентација Петар Белистојановски.
Тој жали што од конкуренција за Балканското испаднале Симон Антиќ, Дејан Црничиќ, Виктор Крстевски, Азиз Исмаил, на кои сериозно сметал.
„Меѓутоа, таков е спортот. И со оваа екипа очекувам добри резултати. По Балкансково првенство не чека Светскиот Куп во Лашко (Словенија), па Премиер лигата во Салзбург (Австрија), по што ќе се знае репрезентацијата за Европското првенство, а од 25 април се завршните подготовки. Потоа одиме за Монпелје. Се надевам, здрави и максимално подготвени, по добри резултати, а добри резултати би биле два -три медали“, нагласува Белистојановски.
Ipon.mk/В.Д.