Пешко: Непријавувањето на еден од најдобрите македонски борачи на СП е сериозен губиток за спортот

Непријавувањето на еден од најдобрите македонски борачи на Светското првенство во Загреб, Ахмад Магомедов (78 кг) е сериозен губиток и за самото натпреварување, и за спортскиот дух и губење на можноста да се постигне забележителен резултат за Македонија, смета стратегот на Вардар Љубиша Пешко кој пред извесно време се огласи со став дека тој е во врвна форма и може да освои медал на СП, со надеж дека во Боречката федерација ќе се предомислат и дополнително ќе го пријават, а тоа може да се направи до петок.
„Ваквите одлуки ја поткопуваат довербата во принципите на фер-плеј и еднаквост во нашата земја. Натпреварите од овој ранг треба да ги соберат најсилните и најдостојните спортисти со цел да донесат престиж и развој на македонскиот спорт, а не да се носат по „да имаш вујко владика”, спортисти кои (жално е ама вистинито) или не се во можност да остварат барем 1 победа или времето за оваков вид на натпревари одамна им одминало …. Недостатокот на елитни борачи не само што го намалува нивото на натпреварување, туку и ја лишува публиката од можноста да биде сведок на натпревари со највисок квалитет.
Се надевам дека во иднина ќе има поголема транспарентност и фер игра во одлуките на Федерацијата, со цел да им се даде шанса на вистинските шампиони да ја претставуваат својата држава Македонија и да ги инспирираат идните генерации , а не да претставуваме туристи“, вели Пешко.
Сепак, од оние кои патуваат на СП најмногу очекува од Могамедгаџи Нуров на 97 кг (борач на Вардар), носител на бронзен медал од светско првенство, иако конкуренцијата во таа категорија е пеколна .
„Се разбира и од Европскиот првак Владимир Егоров (57 кг) , кој треба да се поздрави затоа што ќе успее да ја намали телесната тежина за да се вклопи во борбата за висок пласман.
Од овие двајца секој резултат до 5 место ќе биде одличен успех за Македонија, со оглед на пријавените квалитетни борачи од цел свет“, смета Пешко и прашува:
„Зошто Ахмад Магомедов (79 кг), најподготвениот и кандидат за медал не е во составот на репрезентацијата за учеството на Светското првенство во Загреб? Најверојатно им е познато само на раководството на Федерацијата и определените тренери за овој настан“?
На СП од 13 до 21 септември во главниот Загреб ќе настапат речиси 900 борачи.
Натпреварувањето започнува со борби во слободен стил, при што се регистрирани 326 борачи.
Боите на Македонија ќе ги бранат: 57 кг Владимир Егоров, 61 кг Бесир Алили, 74 кг Расул Шапиев, 79 кг Дејан Митров, 92 кг Реџеп Хајдари и 97 кг Могамедгаџи Нуров.



