Папата Франциско ги прими Мариуш Визер и Ситени Најко за време на дводневниот семинар насловен „Спорт за сите“ во Ватикан, срцето на Рим. Духовниот поглавар на Католичката црква доби симболичен црн појас од претседателот и потпретседателот на Меѓународната џудо федерација (ИЏФ).
„Оваа средба е многу важна за нас бидејќи имаме за цел преку спорт и верба да допреме што е можно повеќе млади луѓе. Покрај професионалните натпреварувачи, отсекогаш сме насочени кон сите мажи и жени кои уживаат во џудо, кои вежбаат за здравје и задоволство“, се обрати Визер.
На настанот присуствуваа 180 претставници на меѓународни спортски организации од 40 земји.
„За мене беше големо задоволство што се сретнав со папата. Тој е одличен човек. Бев импресиониран од неговата порака за мир преку спортот. Тој е голем лидер.Чувствувам дека преку џудото веќе успеавме да ги пренесеме овие пораки и ќе продолжиме да го правиме тоа“, додаде претседателот на ИЏФ.
„Во моментов е најважно да сме обединети и благословени. Треба да бидеме благодарни за се и да не го земаме здраво за готово. Дури и сега, сè уште има отпечаток од пандемијата во најсиромашните земји во Африка“, рече Најко, кој е и претседател на Африканската џудо федерација.
За време на семинарот сите се обединија во идејата дека спортот треба да ги пренесе пораките на добрина и социјална посветеност.