Годинава Мирче Опелоски и Живко Тасевски слават еден прекрасен јубилеј, 45 години другарување и заедничко активно вежбање на „шотокан карате-до“. Секој кај своите учители, а постојано заедно.
Мирче Опелоски го започна своето карате до кај Драган Стојановски (актуелниот претседател на Карате федерацијата на Македонија-КФМ), додека Живко Тасевски почнува кај Мира Костиќ (истакнат каратист и новинар)за потоа да продолжи со Драган Савиќ-Ѓоле. Долго години заеднички учител им беше и големиот сенсеи Таиџи Казе.
Во своите клубови, но и во своите асоцијации, го продолжуваат заеднички патот на Шотокан рју Казе ХА, продолжувајќи го стилот на Казе сенсеи.
Живко Тасевски, шихан и основач на Шотокан рју Казе Ха карате до академија Македонија, со клубови од Босна и Херцеговина, Србија и Македонија и главен инструктор во ШКК Јошитака – Скопје (Старата секција Партизан 3) и Мирче Опелоски, шихан и основач на Шото мушин каи Казе ХА, стил кој обединува клубови и инструктори од Германија, Австрија, Србија, Словенија и повеќе клубови од Шведска, како и главен инструктор на КК Малме во Шведска, кој постои веќе 30-тина години. Во Македонија доаѓа и вежба заедно со својот другар Живко Тасевски во Хонбу доџо на ШКК Јошитака.
„Задоволството е големо кога ќе се навратиме наназад, колку имаме пот излеано и колку кимона сменети за овие 45 години! Имаме уште многу да работиме и да го пренесеме нашето знаење на помладите генерации, кои ќе го продолжат стилот што го вежбаме шотокан рју Казе ХА“, велат насмеани двете легенди на југословенското и македонското карате Мирче Опелоски и Живко Тасевски!
ipon.mk/В.Д.