Олимпискиот вицешампион Дејан Гергиевски дипломира на Факултетот за менаџмент на човечки ресурси

„Менаџирање на човечките ресурси во спортските организации“, ова е  темата на дипломскиот труд на вицешампионот Дејан Георгиевски, кој свечено ја одбрани дипломската работа на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје на Факултетот за менаџмент на човечки ресурси.

Во трудот тој се осврнува на дисцпилината, посветеноста и релацијата, на најважните човечки ресурси во спортските организации, тренерите и спортистите.

Академската фела која го поддржа Георгиевски во истражувањето на овој труд, порача дека Дејан има амбиции не само за нови историски успеси, туку и за професионална кариера во спортскиот менаџмент.

Георгиевски летово ѝ донесе најголем успех на нашата држава. По пауза од две децении Македонија повторно се запиша на листата на освојувачи на медали на Летните олимписки игри. Тој освои сребро во Токио.

„Ова е успех на Македонија. Но, ова е успех и на еден тим кој напорно работеше со многу откажувања, посветеност и упорност. За мојот успех заслужни се и моите тренери Борче и Дарко Костовски на кои сум им многу благодарен. Среќен сум што со медал им се заблагодарив за нивната посветеност и труд кој го вложија во мене“, порача неодамна Дејан  Георгиевски.

Тој има 22 години и блескава иднина пред себе. Во Токио покажа зрелост и смиреност.Дејан вели дека дисциплината стекната на тренинзите му помогнала и во извршувањето на неговите обврски кон студирањето. Тој се заблагодари на Универзитетот за туризам и менаџмент, кој како општествено одговорна организација стипендира млади таленти.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON