Граѓани на Охрид и градоначалникот Кирил Пецаков денеска на градскиот плоштад ги пречекаа македонските репрезентативци во традиционално теаквондо, и пред се златната кадетка од Европскиот шампионат, Христијана Парулеска.
Парулеска на контитненталниот шампионат одржан изминатите денови во Италија во силна конкуренција и далеку побројни репрезентации успеа да освои два медали – сребро во категоријата форми и злато во борби, со што се искачи на европскиот трон.
Со двете освоени медали таа беше прогласена за најдобра кадетка на Европското првенство во вкупен пласман, што е прв таков успех за индивидуален спортист од земјава постигнат на Европски шампионат.
„Се чувствувам многу возбудено и ви благодарам на сите што дојдовте тука. За да се достигне тронот на Европа треба многу напор, многу труд и вежбање. За мене овој спорт значи живот“, рече Парулеска, видно возбудена од пречекот организиран за нејзиниот успех на Европското првенство.
Нејзиниот тренер и селектор на македонската МТТФ репрезентација, Марјанчо Лазаревски, од своја страна истакна дека постигнатиот успех е резултат на долгогодишен труд и посветеност.
„Освојувањето пехар за најдобар поединец со седум репрезентативци, во конкуренција на репрезентации со стотици натпреварувачи, беше како невозможна мисија. Ова е историски успех, прв пехар што некој натпреварувач го освоил во поединечна конкуренција – европски шампион и најдобар меу најдобрите“, рече Лазаревски кој уште рече дека ќе продолжат со интензивни тренинзи и подготовки за наредните натпреварувања, пред се за Светското првенство што треба да се одржи во Астана, во Казахстан.
Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, изрази задоволство од освоените награди во Италија, посочувајќи дека се работи за врвен спортски успех, пехар за најдобра кадетка на Европско првенство.
„Од наша страна поддршката ќе продолжи, како финансиски така и со вложување во инфстраструктура, за да се создадат услови за дополнителни успеси. Ова е еден од светлите примери кога одредена фирма поддржува еден спорт, а успесите не се само ова првенство туку континуитет на што круна е токму овој пехар“, рече Пецаков посакувајќи им на репрезентативците успеси во натамошните натпреварувања.
Следните настапи на македонските репрезентативци во традиционално таеквондо се натпреварите на Меѓународниот турнир во Зворник, Србија, потоа следува Отворениот турнир во Софија, Бугарија, како и турнирот што во јуни треба да се одржи во Охрид.