Сега и официјално е потврдено дека Филип Хрговиќ ќе боксира на 1 јуни во Саудиска Арабија на настанот „Мечрум“ против Квинсбери „5 на 5“, а противник му е Британецот Даниел Дубоа.
Непоразениот Хрговиќ зад себе има 17 победи (14 нокаути), а минатата година забележа две убедливи победи против Демзи МекКин и Марк де Мори.
Дубоа (20-2) лани се бореше со Александар Усик во меч за светските шампионски појаси на ВБА, ИБФ, ВБО и ИБО и загуби со нокаут во деветата рунда.
Британскиот тешкаш се врати во рингот на крајот на годината, кога со прекин во десетата рунда го совлада Американецот Џарел Милер.
Предвидено е Хрговиќ и Дубоа да се борат за испразнетата титула на ИБФ, а потоа победникот ќе добие шанса да ја брани титулата против следниот главен предизвикувач – Ентони Џошуа, во септември на Вембли.
Имено, ИБФ соопшти дека на победникот од дуелот за апсолутен светски шампион меѓу Фјури и Усик (18 мај) ќе му биде одземен појасот доколку се договори реванш.
Настанот „5 на 5“ го предводи борбата за апсолутен шампион во полутешка категорија меѓу Бетербиев и Бивол, а на програмата на дуелите Мечрум против Квинсбери се и мечевите Вајлдер – Жанг, Форд – Бол, Вилијамс – Шираз и Ричардс – Хачинсон.