
Изминатиот викенд, 20–21 септември, во Орландо, Флорида, се одржа ОИКО 2025 – еден од најпрестижните интернационални карате натпревари, организиран од СКИФ Карате Федерација предводена од Хенри Барнабеи. На ова грандиозно натпреварување учествуваа повеќе од 600 натпреварувачи од 26 земји, претставувајќи над 50 клубови, додека околу 50 интернационални судии ја следеа секоја борба – меѓу нив и нашиот светски карате судија Дејан Милошевски.

Настанот се одвиваше на шест татами во прекрасно уредена сала, каде се беше брендирано со слоганот ОИКО 2025, а вистинската атракција беше присуството на огромен број светски шампиони – реткост која се гледа само на најголемите натпревари, најчесто под СКФ федерацијата. Меѓу нив беа Ариел Тореес, Даглас Брозе, Мет Ромбоџ, Јоргелис Салазер, Стивен де Коста, Манауден Куетин, Кристиан Сабатино, Даниеле де Виво и други.
ОИКО 2025 повторно постави високи стандарди за организација и еден ден сигурно ќе се најде на листата на официјални натпревари на СКФ.

Традиционално, Дејан Милошевски е секогаш дел од судискиот тим, но овој пат имаше посебна причина за гордост – ММА беше претставена и во натпреварувачкиот дел. Сиеана и Бони се натпреваруваа во ката и борби, а македонското знаме повторно се разви на пиедасталот.

“Сиеана освои сребро во кати, и малку фалеше за злато, додека Бони даде максимум, но среќата не беше на наша страна овој пат.
Посебна благодарност до Хенри Барнабеи за неговата гостопримност, одлична организација и посветеност да направи еден ваков грандиозен натпревар од светски ранг – вакви моменти не се забораваат и се инспирација за сите нас”, вели Милошевски.

Ова е доказ дека македонските каратисти во дијаспората не се откажуваат лесно. Тренинзите продолжуваат, резултатите се само мотив за напредок, и со упорност, нивниот карате дух ќе продолжи да сјае на меѓународната сцена.



