Легендарниот југословенски боксер, Марјан Бенеш, доживеал тешка сообраќајна несреќа во близината на Бања Лука, пренесуваат српските и хрватските медиуми.
Ведетата на европскиот бокс на 64-годишна возраст претекнувал со својот автомобил и се судрил со камион, заработувајќи потешки повреди, но според лекарите засега е во стабилна состојба.
Бенеш како југословенски репрезентативец стана европски шампион во 1973 година, беше и неколкукратен југословенски шампион. Во 1979 година го оствари најголемиот успех во профи боксот, откако стана европски шампион во верзијата на ЕБУ, за истата подоцна да ја одбрани четири пати. Беше и неофицијален светски првак, бидејќи титулата не му беше признанена затоа што менаџерот не ги уплатил парите. Ја заврши кариерата четири години подоцна поради тешка повреда на окото, нешто што претходно не сакаше да го направи во ситуација кога лекарите му препорачуваа повлекување поради жолтица.
Меѓу љубителите на боксот остана запаметен како фанатичен фајтер кој испраќаше многу удари, а во рингот покрај едното око, заработи и 26 фрактури на различни места, како и сериозно оштетување на гласните жици.