Нема колективна суспензија за Русија за Олимпијадата во Рио

Olimpiski krugovi

Извршниот комитет на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) на состанокот денеска во Лозана реши да не донесе колективна забрана за учество на руските спортисти од сите спортови на претстојната Олимпијада во Рио де Жанеиро, која ќе почне на 5 август.

Наместо тоа, ИОК им остави на меѓународните федерации во индивидуалните спортови да решат дали руските спортисти се чисти и дали треба да им биде дозволено да настапат на Игрите. Тоа значи дека 12 дена пред почетокот на ОИ одделните спортски федерации на глобално ниво ќе мора брзо да ги разгледаат резултатите од допинг-тестовите на сите руски спортисти што се надеваат дека ќе се натпреваруваат во Бразил.

„Мора да балансираме меѓу колективната одговорност како концепт и поединечната правда“, изјави претседателот на ИОК, Томас Бах.

Одлуката следува по извештајот во кој канадскиот професор по право Ричард Мекларен тврди дека Русија спровела државно спонзорирана допинг-програма од 2011 до 2015 година.

Спортистите од Русија што сакаат да настапат на Игрите во Рио ќе мора да исполнат строги критериуми поставени од ИОК. На секој руски спортист што отслужил суспензија поради допинг нема да му биде дозволено учество на ОИ следниот месец.

Претседателот на Светската антидопинг-агенција (ВАДА), Крег Риди, претходно изјави дека неговата организација, за чија комисија Мекларен го изготви независниот извештај, побара од ИОК „да им оневозможи учество во Рио 2016 на сите спортисти одредени од Олимпискиот комитет на Русија и од нејзиниот Параолимписки комитет“.

ИОК, исто така, потврди дека на „свиркачката“ Јулија Степанова нема да и’ дозволи да се натпреварува како неутрален спортист во Рио.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON