„Не ми е јасно како останав без борба за титулата. Знам дека Волкановски ќе се пензионира по таа борба“

Лерон Марфи сè уште се обидува да сфати како пропуштил шанса за титула, додека Диего Лопез доби реванш против шампионот во перо категорија Александар Волкановски на УФЦ 325 во јануари.
И покрај серијата од десет борби без пораз во УФЦ, вклучувајќи го и спектакуларниот нокаут на Арон Пико, промоцијата одлучи да му даде втора шанса на Лопез против Волкановски, иако со одлука ја загуби нивната прва борба во април. Иако признава дека боли да биде прескокнат, Марфи вели дека најтешкиот дел од целата ситуација е пропуштањето на шансата да се бори со еден од најголемите борци во историјата на категоријата.
Иако Волкановски сè уште не зборувал јавно за својата иднина по претстојната одбрана на титулата, Марфи е уверен дека двократниот шампион ќе се пензионира по таа борба.
„Немам шанса да се борам со Волкановски сега“, рече Марфи во поткастот на Деметриус Џонсон. „Знам дека ќе се пензионира по оваа борба. Тој е легенда. Шансата да ги тестирам моите вештини против легенда и да го имам неговото име во моето CV би била огромна работа. Тоа е нешто што никогаш повеќе нема да го добијам. Не затоа што не го заслужував, туку поради фаворизирање и сè тоа“.
Марфи беше убеден дека прифаќањето борба со Пико во краток рок на УФЦ 319 би било само билет за шанса за титула, и својата прилика дополнително ја зацементира со брутален нокаут.
Наместо тоа, Лопез обезбеди реванш откако го победи Жан Силва, додека Марфи седеше и чекаше.
„Така го разбрав тоа“, рече Марфи за прифаќањето на борбата со Пико. „Ние сме професионални борци, треба да се бориме, треба да заработиме пари, но јас сакам шанса за титула. Тоа е наследство. Ве подготвува за целата ваша кариера“.
Со оглед на тоа што борбата за титулата засега е надвор од досегот, Марфи се обѕира кон својот следен меч, кој веројатно ќе се одржи во март, кога УФЦ планира да се врати во Англија.
Борбата пред домашна публика секогаш носи посебна тежина, но Марфи отворено признава дека би се откажал од тоа без двоумење за шансата да се бори за титулата.
Што се однесува до потенцијалните противници, тој сè уште не добил официјална понуда, но реално гледа само две можни имиња во перо категорија.
„Верувам дека ќе ме спарат за Лондон, барем така изгледа, откри Марфи. – Мислам дека ќе биде Мовсар Евлоев или Алџамејн Стерлинг. Не ми е важно. Истата борба е и за мене. Ист проблем, слични стилови. Веќе ментално се подготвувам за тој меч во март“.
Идеалното сценарио за Марфи би бил судир со Волкановски за титулата, но тој веќе ја ставил таа опција настрана бидејќи искрено верува дека австралискиот шампион со македонско потекло ќе се пензионира по реваншот со Лопез.
Можеби тоа не е патот што сакаше да го избере до појасот, но Марфи знае дека пензионирањето на Волкановски би можело дополнително да ги зголеми влоговите за неговата следна борба.
„Ако Волкановски победи, појасот ќе стане празен и мојата борба би можела да биде за титулата“, рече Марфи. „На тоа се надевам. Можеби ќе се случи, можеби и не. Ќе видиме“.



