АктуелноДомашна сценаКарате

Најдобрата каратистка за 2025 година, Ангела Мојсовска: Наместо поддршка, често наидував на сопки и дискримнација од КФМ и од селекторот

Искрено – разочарано. Како спортист знам колку вредам, но како дел од системот се чувствувам невидлива. Недостасува поддршка од федерацијата, и финансиска и човечка и очекував барем коректност а не саботажа. Сето ова те тера да се запрашаш дали вреди да продолжиш или стануваш жртва на туѓи одлуки.

Најдобрата каратистка за 2025 година и една од најдобрите воопшто, Ангела Мојсовска, во интервју за повеќе медиуми искажува гордост на своите успеси, но и големо разочарување и најава за повелкување во зенитот на кариерата.

Ангела минатата година (во ноември) учествуваше на Светското првенство во Каиро, Египет, со директен пласман, при што стигна до осминафиналето,  односно меѓу 16-те најдобри каратистки во категоријата до 68 килограми. Таа во вкупниот пласман го делеше 9-16 место.

Знае дека можела повеќе, но зборува со горчина на душата и најавува повелкување, иако е во години кога може да пружи најмногу. Затоа надлежните треба го променат односот оти многу рано изгубивме каратисти кои имаа афинитети за високи достигнувања.

Која е Ангела Мојсовска и зошто јавноста те препознава како едно од најзначајните имиња во македонското карате?

-Јас сум Ангела Мојсовска, каратистка од Карате клубот Макпетрол и долгогодишна, континуирана репрезентативка на Република Македонија, како во младинска, така и во сениорска конкуренција. Со карате сум од најмали години, што значи цели 26 години сум дел од овој спорт. Зад мене стојат настапи на европски, светски и балкански првенства и резултати поради кои јавноста ме препознава и кои истите носат обврска да зборувам искрено кога нешто не е во ред.

По статистиката која ја имаме за секој спортист во мојата кариера имам учествувано на 199 првенства од сите категории и на нив сум освоила вкупно 115 медали од кои 61 златен медал, 32 сребрени, 22 бронзени медали. Исто така на највисоко рангирани светски и европски првенства имам 11 пласмани на петто место и 3 на седмо место.

Што значи каратето за тебе, надвор од резултатите и медалите?

-Каратето ми даде многу повеќе од спортска кариера. Ми даде карактер, дисциплина, животни лекции и луѓе кои денес ги нарекувам семејство. Тоа е спорт што те учи на почит, трпение и фер-плеј, и токму затоа е особено болно кога тие вредности не се почитуваат од оние што треба да ги штитат.

Поводот за ова интервју е наградата за најуспешна каратистка на Македонија за 2025 година. Како ја доживуваш таа награда?

-Ова е мое седмо вакво признание и нормално е дека чувствувам гордост, затоа што тоа е резултат на години вложен труд, откажувања и борба. Но, истовремено чувствувам и длабока горчина, затоа што наградите не ја отсликуваат целосната реалност низ која поминувам како спортист.

 Кога зборуваш за реалноста, на што точно мислиш?

-Мислам на чувството дека сум систематски запоставена и дискриминирана од Карате федерацијата и од селекторот. Наместо поддршка, често наидував на сопки. Наместо еднаков третман, добивав селективен пристап. За жал, каратето и онака не е доволно ценето кај нас, а со ваков однос дополнително се обесхрабруваат и оние што искрено се борат за резултати и истите ги носат.

Беше единствен македонски репрезентативец кој избори директна норма за Светското првенство. Како изгледаше тој пат?

-Преку мојот пласман на Европското првенство, според новите правила, изборив директна норма за настап на Светското првенство и влегов меѓу топ 32 натпреварувачи во светот. Тоа е сериозен успех, но првото големо разочарување дојде кога од Федерацијата не беше дозволено со мене да дојде мојот клупски тренер, човекот кој најдобро ме познава и кој низ години знае како реагирам во клучни моменти.

Како тоа влијаеше врз тебе?

-Многу. Иако каратето е индивидуален спорт, на вакви натпревари без тренерска поддршка си практично сам. Од двајца репрезентативци, заминавме со еден селектор кој е тренер на другиот натпреварувач. Јас не бев доволно познавана, ниту во тренажен, ниту во психолошки аспект. Тоа е факт што не може да се игнорира.

Колку е важна тренерската поддршка на вакви натпревари?

-Клучна. Без разлика што каратето е индивидуален спорт, на светско првенство ништо не е индивидуално. Загревањето, последните минути, реагирањр за видео преглед,психолошката стабилност, правилни совети во одлучувачки моменти за време на борбата – сето тоа зависи од човек што те познава.

Јас на денот на моите борби бев сама на загревање, селекторот едноставно го снема, сѐ до последните пет-десет минути. Тоа остава трага. Самото водење во текот на борбите од селекторот не беше коректно и создаде дополнителна тензија, наместо сигурност. Како да имаше намера намерно да ми ја сруши самодовербата и со тоа да изостане остварување на висок резултат. Дури и луѓе од публиката кои го гледаа преносот во живо забележаа дека насоките кои тој ми ги даваше за време на борбата, предизвикуваа повеќе паника кај мене од колку реална  помош.

 Дополнително за време на престојот, добивав коментари кои не беа директно поврзани со мојот настап, Само што за еден спортист претставува сериозен психолошки дисбаланс.

Сепак, твојот настап на Светското првенство, и покрај сите наведени препреки, можеше да биде успешен?

-Ја поминав групната фаза и завршив во осминафинале, односно меѓу најдобрите 16 во светот го делевме сите местото од 9-16. Можеби не е резултатот што го посакував и знам дека можев и подобро, но во никој случај не е неуспех и не смее да биде игнориран или минимизиран.

По Светското првенство, дали завршија разочарувањата?

-За жал, не. Дополнително разочарување за мене беше и настанот „Избор на златна олимпијка“, организиран од Олимпискиот комитет. Не бев поканета да присуствувам на самиот настан, што ме поттикна да побарам појаснување. Токму на денот на настанот дознав дека причината поради која не сум дел од изборот е тоа што мојата матична Карате федерација воопшто не ме предложила, иако доставила предлози со имиња во други категории. Од Олимпискиот комитет ми беше посочено дека моите резултати се за почит и дека заслужуваат да бидат разгледани, но во тој момент веќе било предоцна било што да се промени. Ова кај мене остави силно чувство на разочараност, не поради самата награда, туку поради односот и начинот на кој беа занемарени моите резултати и континуираниот труд.

А што се случува со Спортскиот оскар од Агенцијата за млади и спорт?

-И таму ситуацијата е слична. Иако процесот сè уште трае, како мој резултат е наведен само „учество на Светско првенство“. Тоа не е точно. Јас не само што учествував, туку завршив во топ 16, а тоа не е ниту единствениот мој успех за 2025 година. Спортист не се вреднува по еден настап, туку по континуитет и низа резултати во текот на целата година.

Кои беа твоите резултати за 2025 година?

– 7-мо место на Европско првенство

– 1-во место на Европска универзијада

– 3-то место на Балканско првенство

– 2-ро место на Балканско првенство, екипно

– Директна норма и топ 16 пласман на Светско првенство.

Исто така во делот на екипните настапи за репрезентацијата на Македонија во дисциплината борби, иако ние девојките од тимот дававме се од себе на две европски и едно светско првенство, тимот секогаш имаше по две три победи, само поради негови грешки екипата нема освоено медал за Македонија, тимот секогаш бил квалитетен искусен и ние медал можевме да освоиме и затоа многу ми е криво. Тој селектор, правеше многу грешки за време на борбите, со погрешни совети, но и кога требаше да даде протест, што е негова обврска, тој тоа не го правеше. Едноставно секогаш  реагираше неправилно и несоодветно. На крај цената ја плативме ние девојките од тимот.

По сето ова, како се чувствуваш?

-Искрено – разочарано. Како спортист знам колку вредам, но како дел од системот се чувствувам невидлива. Недостасува поддршка од федерацијата, и финансиска и човечка и очекував барем коректност а не саботажа. Сето ова те тера да се запрашаш дали вреди да продолжиш или стануваш жртва на туѓи одлуки.

Кој беше твојата најголема поддршка низ сите овие години?

-Мојата фамилија, мојата сестра и моите најблиски пријатели. Тие се темелот на секој спортист – луѓето кои стојат зад тебе без услови, особено во моментите кога е најтешко и кога разочарувањата се погласни од успесите. Но, она што мене ме издвојува и што чувствувам како особена привилегија е поддршката што ја имав од мојот клуб и моите тренери. Сакам искрено и јавно да искажам неизмерна благодарност до Карате клубот Макпетрол и до моите тренери Бошко и Петар Заборски.

Тие 26 години не беа само тренери, туку и водичи, поддршка и заштита во секој тежок момент. Стоеја покрај мене и кога беше најубаво и кога беше најтешко, и никогаш не се откажаа од борбата за мене, дури и тогаш кога системот тоа го правеше.

И за крај, која е твојата порака?

-Ова навистина не е само моја лична приказна, туку приказна за системот во кој растат и се оформуваат нашите спортисти. Зборувам од позиција на некој што му го дал најголемиот дел од својот живот на спортот, со искрена љубов и верба дека трудот, чесноста и резултатите ќе бидат препознаени.

Мојата кариера полека се приближува кон крајот, но она што најмногу ме боли е помислата дека зад мене доаѓаат млади, талентирани деца, полни со соништа и желба чесно да ја претставуваат својата држава, а можат да се соочат со истите неправди и разочарувања. Спортот треба да биде место каде што се гради карактер, а не каде што се кршат соништа. Затоа апелирам за вистински промени – за повеќе правичност, поддршка и човечност, за да не ги изгубиме оние што најмногу даваат, туку да создадеме средина во која младите ќе веруваат дека вреди да се борат и да останат во спортот.

Show More

Related Articles

Back to top button
IPON