На „Златниот гонг“ 60-тина боксери од 11 држави

Една од најстарите спортски манифестации, меѓународниот боксерски турнир „Златен гонг”, викендов ќе се одржи во СЦ „Борис Трајковски“ во малата сала.

На прес конференцијата во Агенцијата за млади и спорт беше најавено учество на 60-тина боксери од 11 земји.

Директорот на АМС, Наумче Мојсовски, за 51-то издание на „Златен гонг“ изрази уверување дека од ваквите меѓународни натпреварувања ќе произлезат македонски спортисти кои во иднина ќе имаат забележителни резултати.

„АМС е куќата која дава поддршка на врвниот спорт во Македонија, така и за оваа манифестација. Оваа долгогодишна боксерска манифестација овозможува подигање на боксот на едно повисоко ниво. Остварувањето на резултатите на младите македонски боксери во настапите на меѓународни натпревари укажува на враќање на боксот на старите добри патеки“, истакна Мојсовски.

Свое излагање имаше и претседателот на Боксерската федерација Примислав Димовски кој потенцираше дека идејата за датумот на одржување на „Гонгот“ била да се одбележи „13 Ноември“, денот на ослободувањето на градот Скопје, но Европското ракометно првенство го пролонгира настанот за една седмица.

Од таа причина, покрај најголемата финансиска помош која традиционално доаѓа од АМС, оваа година со финансиска помош се вклучува и град Скопје

„Овој турнир влегува во еден од трите најстари боксерски манифестации на стариот континент. Бугарија, Албанија, Шкотска, Косово, Србија, Црна Гора, Еритреја, Англија, Унгарија и Шведска, заедно со нас како домаќини се 11 земји учеснички со 60-тина боксери. Нашата држава ќе настапи со 6 натпреварувачи, сите млади и надежни боксери, кои можеби не се звучни имиња, но се боксери со голем капацитет кој може да изненади“, рече Димовски.

Заменик директорот на Агенцијата за млади и спорт Амир Билали нагласи дека токму ваквите меѓународни спортски манифестации се можност за презентирање на квалитетот и утврдување на афинитетите кај младите боксери, а АМС е секогаш тука да ги поддржува ваквите традиционални спортски манифестации со целосен капацитет.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО