На Канаѓанецот Жорж Сент Пјер пет години по последниот настап му истече договорот со УФЦ.
Еден од најголемите ММА борци во историјата и долгогодишен владетел на полусредната категорија го имаше својот последен настап на 4 ноември 2017 година, кога во третата рунда во Медисон сквер гарден го победи Мајкл Биспинг со завршница и ја освои титулата во средната дивизија.
„Повеќе не сум под договор со УФЦ, па можев да соработувам со Шоутајм. Сега сум слободен и можам да правам што сакам“, изјави 41-годишниот Жорж Сент Пјер во пресрет на боксерскиот настан каде Џејк Пол го победи Андерсон Силва.
Поранешниот шампион на УФЦ учествуваше во промоцијата на тој меч, а во интервју за ММА Фајтинг не ја исклучи можноста еден ден да облече боксерски ракавици.
„Никогаш не вели никогаш. Можеби еден ден и јас ќе почнам да боксирам. Ако е интересно и добро организирано, зошто да не. Можев да боксирам или да се натпреварувам во граплинг, но веќе не морам да се докажувам“, истакна Жорж Сент Пјер и заклучи:
„Се уште тренирам, но имам други приоритети во животот. Веќе не ме интересира слободна борба, но би можел да се занимавам со бокс или граплинг. Сè уште има оган на мојот тренинг, но не толку жесток како порано“.