На пречекот на светскиот вицешампион: Емил ти си наша икона!

Најдобриот македонски каратист во борби Емил Павлов (29), синоќа беше пречeкан од голем број на фанови на „Меѓународниот аеродром Скопје” кои во еден глас му порачаа: „Емил ти си наша икона“!

Скромниот штипјанец го освои сребрениот медал на Светското првенство (СП) во Дубаи (категорија до 67 кг), откако во финалната борба загуби од францускиот претставник и носител на златен медал од Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио годинава, Стивен да Коста.

Освоеното сребро на Павлов, кој првпат настапи во една категорија погоре, претставува и најголем успех во борби воопшто на македонското карате на светските првенства. Претходно Жарко Арсовски освои бронзен медал на СП во Белград во 2010 година.

Павлов е двократен европски првак (во Тампере во 2014 и во Нови Сад во 2018 година) и двапати трет (во Монпелје во 2016-та и во Гвадалахара во 2019 година), а освојувач е и на бронзен медал од Европските игри во 2015 година во Баку.

Павлов до финалниот дуел на СП 2021 дојде откако забележа пет победи, и тоа против Словакот Матеј Хомола, Узбекистанецот Садридин Сајматов, Јорданецот Абдалах Хамат, Египќанецот Али Елксави и во полуфиналето на дуелот со Унгарецот Мартиал Тадиши. Другите македонски претставници поединечно и екипно во борби и поединечно во кати, не освоија медал.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON