Потсетуваме дека на денешен ден се одбележуваат точно 38 години од еден од најголемите успеси на македонскиот спорт, односно на 10 август 1984 година на Летните олимписки игри во Лос Анѓелес, САД, Шабан Трстена го освои златниот олимписки медал во борење, запишувајќи се со златни букви во историјата на македонскиот и светскиот спорт.
Трстена беше пред голем предизвик, бидејќи не се бореше само со Џо Гонзалес од САД, туку и со целата сала, затоа што во прелиминарните бори сите навиваа за нивниот миленик. Во финалето славеше против Кореецот Ким Јонг Кју со 4-0.
Трстена, кој е роден на 01.01.1965 во населбата „Јахја Паша“ во Скопје, на свои само 19 години ќе стане најмлад олимписки шампион, рекордер на сите времиња во олимписката историја, од 1896 година до последните Олимписки игри 2021 година во Токио!
„Можеби овој историски ден за многумина не е толку важен, но за мене е важен, посебен, а сигурно е и за сите оние кои знаат да ја ценат оваа златна година. Навистина годините поминуваат брзо, но симболиката останува во душата на секој олимписки шампион и тоа засекогаш“, вели Трстена, потсетувајќи се на златниот ден од пред 38 години.
„Еве зошто се сеќавам на денешен ден, пред точно 38 години, кога почна да чука олимпискиот часовник. Се сеќавам како денес со нетрпение ги чекав да минат секоја секунда, секоја минута, секој ден и ноќ до долгоочекуваниот момент, најомилениот во мојот живот како спортист, што веќе не беше сон, туку стана реалност. Да го исполнам мојот детски сон, првпат да учествувам на Олимписките игри во Лос Анџелес. Така, пред 38 години, еден млад скопјанец го освои првиот златен олимписки медал во 1984 година во Лос Анџелес, Соединетите Американски Држави а потоа и сребрениот медал во 1988 година во Сеул, Јужна Кореја. Знаете ли што значи животот на еден олимписки шампион? Морам да кажам дека и шампион не се раѓа, туку се станува шампион само со многу напорни тренинзи, со голема волја, со борбеност, со многу жртви, со многу пот, со голем фанатизам, со напорни тренинзи секој час, дење и ноќе, на снег и дожд, само за да станам голем шампион. Вистината е дека донесов многу, многу медали, победи и титули од секој агол на светот за да бидам голем спортист во балканскиот Кадишул и во светот. Ова е главната причина зошто сум роден за да успеам, а не да имам неуспеси. Ви благодарам на сите што знаат да го ценат овој ден“, дополнува спортистот на 20. век на Македонија.