Македонските претставници на Медитерански игри (МИ) во Тарагона кои завршија неодамна имаа прием од челниците на Македонскиот олимписки комитет (МОК) и на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Васил Тупурковски односно Дарко Каевски, каде што тие им се заблагодарија за настапот во дресот со државниот грб и секако на остварените резултати.
Македонија на МИ освои шест медали од кои две златни, еден сребрен и три бронзени. Најсјајните одличја завршија на градите на каратистот Берат Јакупи и на борачот Магомедгаџи Нуров, сребрен беше Дејан Георгиевски во таеквондо, а бронзени медали освоија борачот Дејан Митров и каратистите Жарко Арсовски и Ненад Келебиќ. Ептен блиску до пиедесталот беа и ракометарките, кои во полуфиналето загубија од Шпанија, а во малото финале претрпеа минимален пораз од Словенија.
Првите луѓе на МОК и на АМС не сакаат да го коментираат скандалот со одбојкарите, кои поради недолично однесување беа предвреме вратени во Скопје.
Дарко Костовски од Македонската таеквондо федерација се заблагодари на пожртвуваноста на луѓето од МОК да му се обезбеди оперема на Дејан Георгиевски поради тоа што му бил загубен багажот во Виена, а на враќањето од Тарагона е пронајден.
Каевски најави дека подготвуваат програма за млади олимписки надежи. На нашето прашање дека во МОК е изработена студија за македонските спортисти за остварување на врвни резултати и настапи на Олимписките игри, а што беше обајвено и во некои медиуми, конкретен одгвор немаше, иако директорот на АМС ја нагласи соработката со МОК во таа насока.