Претседателот на Спортскиот арбитражен суд при Македонскиот Олимписки Комитет (САС-МОК), проф. д-р Тони Дескоски, одржа излагање пред националните спортски федерации на тема „Решавање на спортските спорови пред Спортскиот арбитражен суд при Македонскиот Олимписки Комитет (САС-МОК)“
Спортската арбитража претставува начин на решавање на споровите од спортските односи, каде што приватни лица (арбитри), црпејќи ги овластувањата од спогодбите на странките конечно го решаваат спорот кој им е доверен со одлука која е обврзувачка за странките, а што е признато и од правниот поредок на државата.
Надлежноста на САС на МОК може да се договори за решавање на спорови помеѓу спортисти, физички и правни лица (НСФ) кои вршат спортска дејност и спортски здруженија и организации, за права со кои странките слободно располагаат, ако со закон не е предвидено дека за решавањето на одреден вид на спорови постои исклучива надлежност на судовите на Република Македонија.
Постапката, по правило, е затворена за јавност, може да биде и доверлива, кај одредени арбитражни институции и самото покренување на постапката е доверлива информација. Одлуките, по правило, не се објавуваат, освен ако странките не се согласат поинаку.
Арбитражните пресуди на САС-МОК се задолжителни за странките и имаат својство на извршна исправа.