Мила Рељиќ која е на 10 место на Светската ранг-листа во таеквондо отпатува на Светското првенство за сениори кое се одржува во Гвадалахара, Мексико, од 13 до 20 ноември.
Рељиќ има голема шанса да блесне на СП и да ја израдува спортската јавност во Македонија.
Таа во изминатиов период имаше забележителни резултати.
СП во Мексико е најголемиот предизвик во кариерата. Како го прифаќаш овој предизвик?
-Секако дека е најголем предизвик, но изманатава година и половина, имавме повеќе од 20 меѓународни натпревари од најсилната Г класа, па се борев со најдобрите од мојата категорија и тоа ми дава храброст и самодоверба за овој многу значаен турнир.
Во изминатиов период манифестираше извонредна форма. Какви се очекувањата од СП?
-Последните 4-5 месеци освоив значајни медали на Г2 турнирите, вклучувајќи го и златниот медал од Европското клупско првенство. Долго време трениравме за овие резултати, па и очекувањата секако дека ни се големи.
Може ли да се вклучиш во борбата за медалите?
-Секако тоа ни е целта.
Поради пласманот на Светската ранг-листа, во првото коло ќе бидеш слободна, па условно ќе имаш и поповолен жреб. Колку е тоа важно за вакво натпреварување?
-Кога си на висока ранкинг позиција, го избегнуваш првото коло, а и уште е рано да се сретнеш со некои од носителите. Но, ова е светско првенство, тука сите се во одлична форма и секој секого може да победи. Со оглед на предвидениот жреб, ги гледавме борбите на нашите потенцијални противнички, анализиравме и правевме тактика како да ги победиме. Па, последниве денови, откако излезе новата ранкинг листа, обрнавме повеќе внимание на техники со кои може да ги победиме нашите противнички.
Што знаеш за конкуренцијата?
-Конкуренцијата е исклучително силна, но и ние сме во одлична форма, едно кога ги гледаш на видеа како се борат, сосема друго е во живо да ги следиш и посебно да се бориш со нив. Тогаш може најмногу да се види до кое ниво сме и како можеме да се бориме со нив. Со добар дел од нив се имам борено, а и останатите ги следев по натпреварите како се борат, која тактика ја користат и што им е слаба страна, каде би можеле ние да поентираме.